ФОТО+ВИДЕО | Дом за 1.800 кучиња: Најголемото засолниште за скитници во светот посетено од туристи, волонтери и луѓе со големо срце
Ако некогаш сте сонувале да трчате низ ливада опкружена со стотици среќни кучиња – да, можете да доживеете такво нешто, пишува „Пун куфер“.
Но, мора да се напомене, ќе ви треба малку време и пари за да отпатувате на другиот крај на светот, поточно во „Territorio de Zaguates“ на северот на Костарика, каде што се наоѓа најголемото засолниште за кучиња во светот. Повеќе од 1.800 кучиња и кутриња живеат таму слободно и уживаат благодарение на луѓето со големо срце.
„Ние нудиме привремен дом за стотици кученца кои бараат втора шанса, а исто така сме постојан дом за кучиња кои можеби никогаш нема да го најдат своето семејство. Ваквите кучиња го продолжуваат својот живот во нашето засолниште до длабока старост. Повеќето кучиња пристигнуваат во најлоша можна состојба: неухранети, болни, стари или повредени. На многу од нив им треба долг и скап третман, вклучувајќи прегледи, операции и физикална терапија“, велат основачите на засолништето, брачната двојка Лаја Батл и Алваро Саумет.
„Никогаш не сум ги разбирала луѓето кои не сакаат кучиња-скитници. Тие се шампиони на животот и улиците. Тие се единствени. ‘Territorio de Zaguates’ е нивната фарма, нивната планина, парче земја што им припаѓа и каде се чувствуваат добро“, открива Лаја, која сонува да им понуди на туристите сместување каде луѓето ќе можат да дојдат на одмор и да се дружат со кучињата.
Благодарение на донациите и добрите луѓе ширум светот , кучињата добиваат храна и лекови секој ден.