Фотоизложбата „Осетливи ткива“ на Васил Тасевски е поставена во Музеј на Македонија

Дело од изложбата „Осетливи ткива“

Изложба на аналогни фотографии со наслов „Осетливи ткива“ од Васил Тасевски од 16 март е отворена во Музеј на Македонија. Станува збор за прва македонска самостојна изложба на Васил Тасевски, мултимедијален уметник кој живее и работи во Франција. Поставката опфаќа дела изработени на колор фотографска хартија во големи нестандардни формати.

Изложбата е своевиден сублимат на три претходно реализирани поставки („Спомен од еден лет“, „Границите на бојата“, „Невидливи градови“), како и на „Загадени пејзажи“, тековен фотографски проект на авторот.

Изложбата се реализира во копродукција на „Порта 27“ (Франција) и „Партизанска штампа“ (Македонија), курирана е од Јелена Белиќ, а ќе може да се посети до 13 април.

Творечкото патување на Васил Тасевски е разнолико и вклучува перформативни и визуелни уметности. Пристапот кон тие уметнички дисциплини (циркус, театар, перформанс, видео, инсталации, фотографија) е, пред сè, експериментален, но и скитнички. Идеите начнати во еден медиум, се трансформираат и со акробатска леснотија преоѓаат од еден во друг, се преплетуваат, се надополнуваат и градат еден посебен визуелен идентитет преку соединување, искуства и преминување на граници.

Во „Осетливи ткива“ со растегнување на границите, едно дело опфаќа друго, ја менува неговата структура и учествува во изградба на ново доживување.

Васил Тасевски е роден 1984 година во Скопје. Ја открива аналогната фотографија на 14 години, портретирајќи најчесто луѓе, а подоцна почнува да се занимава со акробатските вештини и театар. Во Скопје е дел од перформерската група „Fuzz Bubble“, основана во 1998 година.

На 20 години се сели во Франција за да студира циркуски уметности. Своето образование го започнува во Центарот за циркуски уметности „Балтазар“ (Монпелје, Франција), а го завршува во Националниот центар за циркуски уметности (Шалон-ан-Шампањ, Франција).

Магистерски студии по современа уметност и нови медиуми завршува во Ле Френуа – Национално студио за современи уметности (Туркуан, Франција). Во 2008 година, заедно со Марион Коле и Матје Гари, го основа уметничкиот колектив „Порта 27“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 222, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот