Фотографиите на Влахо Бранѓолица ги карактеризира особена автентичност на непосредното доживување

Изложба „Каламота - Светлина на крајот на кругот“ во галерија „Ко-Ра“

Во галеријата „Ко-Ра“ при Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје од 14 декември е отворена самостојната изложба на хрватско-македонскиот уметник м-р Влахо Бранѓолица со наслов „Каламота – Светлина на крајот на кругот“.

Станува збор за аудиовизуелен проект составен од фотографски дела создадени на островот Каламота (Колочеп) во близина на Дубровник – во синергија со музиката на композиторот Љубомир Бранѓолица, кој потекнува од истиот регион.

На отворањето на изложбата беа присутни претставници на Заедницата на Хрватите во Република Северна Македонија, како и повеќе уметници од сферата на фотографијата, музиката и балетската уметност.

Авторот Влахо Бранѓолица изложбата ја посвети на својот неодамна починат татко, маестро Љубомир Бранѓолица. Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметност и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.

Влахо Бранѓолица и Виолета Калиќ

– Овој дел од опусот на м-р Влахо Бранѓолица го карактеризира особена автентичност на непосредното доживување кое е преточено во 30 големоформатни црно-бели уметнички фотографии и мултимедијален проект од 80 фотографски дела претставени во силна и експресивна синергија со музиката на големиот маестро Љубомир Бранѓолица.

Некои сцени се втонати во сфуматото на патината на времето со перцепција на миговите, како метафизички овековечени инсерти на секојдневието на малите и големите радости засолнети во сенката на амбиенталноста на сеќавањата, како поврзница помеѓу генерациите и на минливоста, на времето и просторот врз кој се извишува волшебната моќ на природата – истакна Виолета Калиќ на отворањето на изложбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот