ФОТО | Вечера на работ на вселената ќе чини 500.000 долари: Ќе ја зготви славниот дански готвач

Фото: Принтскрин/Инстаграм

„СпејсВИП“ (SpaceVIP), американска компанија за луксузни патувања во вселената, го ангажирала познатиот дански готвач Расмус Манк кој ќе подготви оброк за вечера на работ на вселената – по цена од 500.000 долари по лице.

Само 24 часа по објавувањето на понудата, многу луѓе прашале каде можат да се пријават, објави „Блумберг“.

Фото: Принтскрин/Инстаграм

Патувањето ќе трае шест часа во вселенскиот балон, кој ќе биде лансиран во стратосферата следната година. Манк ќе направи мени за шест гости кои ќе се искачат на височина од 30 километри над површината на Земјата и ќе вечераат заедно.

Менито допрва треба да биде финализирано, но во интервју за „Блумберг“, 32-годишниот готвач изјавил дека сака менито да биде иновативно како и патувањето.

Манк е готвач во данскиот ресторан „Алхемичар“, кој е рангиран на петтото место во водичот „Најдобрите 50 ресторани во светот“ за 2023 година.

Фото: Принтскрин/Инстаграм

И покрај високата цена, Манк рекол дека повеќе луѓе се пријавиле за првото патување отколку што има простор на леталото.

– Свесни сме дека првото патување е многу скапо. Но, сепак, ова е прво искуство од ваков тип – рекол Манк, кој ќе биде и дел од летот.

Познатиот готвач рекол дека планот е да се организираат повеќе вакви патувања и да се намали цената на вечерата, за повеќе луѓе да уживаат во такво искуство.

Фото: Принтскрин/Инстаграм

– Веќе имавме десетици квалификувани учесници кои изразија огромен интерес да бидат дел од ова искуство, но имаме само шест места. Претпоставуваме дека конечниот список на патници ќе го направиме во следните неколку недели – велат од њујоршката компанија „СпејсВИП“.

Леталото, изградено од „Спејс перспектив“, не бара никаква претходна обука или специјална опрема. Капсулата под притисок ќе биде подигната со вселенски балон, технологија развиена од НАСА, наместо со ракета. Тест летовите ќе започнат следниот месец.

„СпејсВИП“ не е првата компанија која нуди опција за јадење во вселената. Минатата година, француската компанија „Зефалто“ објави дека сака да им понуди на луѓето можност да вечераат во балон на работ на стратосферата за 132.000 долари, почнувајќи од 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот