ФОТО: Уличните кучиња како туристички водичи низ Скопје, Драчево со најмногу пријави за каснувања

Во Скопје со години голем проблем преставуваат бездомните кучиња. Ги има насекаде, улиците, плоштадите, тревниците. Најчесто се онаму кадешто има поголем промет на луѓе, близу продавници, пазари… Дел од кучињата се стерилизирани, за што сведочат жолтите маркици на ушите, но има и такви кои се уште може да се размножуваат.

Како што може да се забележи во билтените на МВР, секојдневно има по најмалку три пријави за каснување од бездомни кучиња, најголем број на случаите во Скопје. Бројката на „жртви“ е поголема, но сепак не секој се одлучува да пријави во полиција.

Иако секоја населба е преплавена со улични кучиња, сепак според пријавите Драчево е водечка населба во Скопје кадешто луѓето се честа мета на бездомни кучиња.

На улиците „Иван Хаџиниколов“ и „Бранко Заревски“, кадешто се наоѓа и пазарот во Драчево, врие од глутница кучиња кои секојдневно ги напаѓаат граѓаните.

„Само во месец ноември, во Драчево има пријавено 12 случаи на каснувања од куче, додека пак досега во декември осум луѓе пријавиле дека биле мета на бездомни кучиња.“

Не е убава глетката и на градскиот плоштад каде бездомните кучиња во улога на туристички водичи ги следат странците кои дошле во посета на нашата земја.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Во 2007 година, во Скопје беше отворен стационарот „Вардариште“, кој имаше за цел да ги намали ризикот за намалување на бездомните кучиња од улиците и за таа цел беше и воведена програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати“. Доколку се работеше правилно досега ќе се решеше проблемот со бездомните кучиња во главниот град, но сепак денес сликата на скопските улици е поинаква. Стационарот се затвори во 2019 од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство поради појава на заразни болести и пропусти во работењето.

По „Вардариште“, градот Скопје се обиде со отворање на ново Јавно претпријатие да го намали бројот на кучиња и да ја зголеми безбедноста на граѓаните. Но сепак, по неколкугодишно работење, јавното претпријатие нема капацитет за трајно заловување на бездомните кучиња, па така ја спроведуваат истата програма „Залови, стерилизирај, врати“ што значи дека сите кучиња коишто немаат жолта маркица на ушите ги заловуваат, ги стерилизираат и медицински ги третираат, а потоа ги пуштаат на скопскиот асфалт. Голем број од кучињата напаѓаат, а од буџетот на Град Скопје годишно се „излеваат“ милионски суми за обештетување.

Во принцип, секој граѓанин кој ќе биде каснат од улично куче има право на отштета од Градот. Поради високите суми, од годинава Градот одлучи место на суд, ваквите спорови да се решаваат со директна спогодба.

Лани, само Скопје и уште девет поголеми општини исплатиле 720.000 евра отштета за каснувања од куче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот