ФОТО | Стара 2.000 години: Во Помпеја е откриена фреска на која е насликана пица

Фото: Instagram/ pompeii_parco_archeologico

Археолозите претпоставуваат дека на една впечатлива фреска, пронајдена меѓу урнатините на римскиот град Помпеја, најверојатно е насликан првиот приказ на пица, пишува „Гардијан“.

Тие забележале дека, на ова добро познато италијанско јадење му недостасуваат двете основни состојки- доматен сос и моцарела, а вклучува една работа која наликува на ананас.

Фото: Instagram/ pompeii_parco_archeologico

Фреската датира пред 2.000 години, која е откриена за време на ископувањата на просторот Реџо IX на археолошкиот локалитет во Помпеја, блиску до Неапол, родното место на пицата.

Археолозите претпоставуваат дека оваа фреска била насликана на ѕид од ходникот на една куќа во која имало и пекара. На неа се прикажани тркалезен леб – фокача, на сребрен послужавник како и разни овошја, меѓу кои калинка и урма. Се претпоставува дека лебот бил зачинет, намачкан со намаз од сирење и тревки, познат деликатес што старите Римјани постојано го јаделе.

Фото: Instagram/ pompeii_parco_archeologico

Ваквите фрески биле широко распространети во домовите на античка Помпеја и соседниот Херкуланум, кои биле уништени во 79 година н.е, од катастрофалната ерупција на вулканот Везув.

Директорот на археолошкиот парк Помпеја, Габриел Цухтригел, вели дека фреската го одразува контрастот помеѓу „штедливиот и едноставен оброк“ и „префинетоста и луксузот“, во времето на Римјаните.

Фото: Instagram/ pompeii_parco_archeologico

Како што е познато, Неапол е домот на маргеритата, традиционална пица која се состои од едноставна мешавина од домати, моцарела, свеж босилек и екстра девствено маслиново масло.

Свое мислење дал и Џино Сорбило, сопственик на една од најстарите пицерии во Неапол, кој е убеден дека се работи за веродостоен приказ на италијанска пица.

„Во античка Помпеја е познато дека постоеле облици на рамно лепче, направено со зрна, вода, сол и можеби пиво наместо квасец. Тогаш, на тестото за древната форма на пица му додавале зеленчук или риба“, рекол тој.

Додал дека најверојатно овошјето се сметало повеќе за главно јадење, а на прашањето дали фреската го решава аргументот дека треба да се користи ананас на пица, Сорбило одговори одлучно: „Не“.

Фото: Instagram/ pompeii_parco_archeologico

Инаку, ископувањата во оваа област на градот започнале во февруари оваа година, а пронајдени се повеќе домови, работилници и пекарница. Во пекарата биле пронајдени скелети на три жртви, две жени и едно дете, каде што се верува дека побарале засолниште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот