
Фон дер Лајен: Најмоќната жена во Европа во постојан стрес
Претседателката на Европската комисија веројатно ќе го преживее и второто гласање за доверба во ЕП. Но, постојаниот притисок и од левицата и од десницата открива опасен вакуум во моќта меѓу земјите-членки на ЕУ.
Дебатата беше жестока. Во понеделникот попладне (6.10), Европскиот Парламент се состана во Стразбур по вторпат по летната пауза. И директно се стигна до поентата.
Францускиот шеф на десноесктремната група „Патриоти за Европа“, Жордан Бардела, ја обвини претседателката на Европската Комисија за недостиг на транспарентност, неуспех во миграциската политика и губење на конкурентноста поради нејзината климатска политика.
Препорачано
Царинскиот договор со САД бил исто така катастрофа, оцени тој: „Практично ја потпишавте капитулацијата на Европа“.
Потоа дојде редот на заменик-претседателката на левичарската парламентарна група, француската политичарка Манон Обри. И нејзините обвинувања беа исто така сериозни: неуспех во справувањето со Израел во војната во Газа, во постигнувањето на Зелениот договор и фокус на купување оружје наместо на социјално осигурување: „Тие мора да си одат“, повторуваше таа жестоко.
Урсула фон дер Лајен, од друга страна, остана смирена. Таа возврати мирно и повика на единство: „Вистината е: нашите противници не само што се подготвени да ја искористат секоја поделба, туку тие активно ја поттикнуваат“.
Невидено е претседател на Комисијата да се соочи со две гласања за доверба во рок од само три месеци. Но, иако се смета за малку веројатно разрешување на гласањето во четврток, зачестувањето на овие постапки покажува колку станал фрагментиран Парламентот и колку е кревка довербата меѓу Комисијата и партиите од центарот.
Напади од левицата и десницата
За разлика од јули, овојпат иницијативата доаѓа не само од политичката десница, туку и од радикалната левица. Нивните погледи на светот се судираат, но нивните цели се слични: целта е политички да ја нападнат Фон дер Лајен, да го поткопаат нејзиниот авторитет и да ја зајакнат сопствената позиција во Парламентот.
За Алмут Мелер, директорка за европски и глобални прашања во Европскиот политички центар (ЕПЦ), ова не е изненадувачки. Со оглед на растечката фрагментација во Парламентот, „не е изненадувачки што има повеќе барања за гласање доверба“.
Оливие Коста, директор за истражувања во ЦНРС и експерт за институциите на ЕУ, се согласува со Мелер. Тој исто така го гледа потеклото на ваквите барања во подемот на екстремистичките сили на левицата и десницата.
Критика на стилот на лидерство
Тој идентификува уште две причини: Прво, намалена способност за соработка меѓу социјалдемократите и христијанските демократи, поранешниот основен сојуз во Европскиот парламент. И второ, стилот на лидерство на Урсула фон дер Лајен, кој многумина го сметаат за премногу централизиран и хиерархиски.
„Претседателката на Комисијата ја гледа својата функција како функција на премиер“, објаснува Коста. Принципот на соработка и консензус се повлекува, а одлуките се донесуваат со моќ центрирана околу неа. Ова предизвика незадоволство во Парламентот, па дури и во рамките на Комисијата.
Тешки односи на мнозинството
Во исто време, политичката геометрија во Европа стана покомплицирана. Поранешната „голема коалиција“ на десничарската конзервативна ЕПП и социјалдемократите (С&Д) од 2019 година веќе не е доволна за стабилно мнозинство.
„Веќе видовме при некои гласања, особено за животната средина, миграцијата и меѓународните прашања, дека ЕПП веќе не се двоуми да гласа со крајната десница“, објаснува Коста.
Личните несогласувања меѓу Манфред Вебер (ЕПП) и Ираче Гарсија (С&Д) дополнително ги отежнаа компромисите. Резултатот: вакуум на моќта во центарот, кој го користат политичките маргиналци.
Центарот е нестабилен
Партиите од центарот сè уште се обидуваат да се одржат заедно, но трпението со курсот на претседателката на Комисијата попушта: „Во меѓувреме, можеме да видиме дека политичката основа на која стојат претседателката на ЕК и нејзината Комисија сè уште се држи, но дури и во центарот веќе не е особено стабилна“, објаснува политикологот Алмут Мелер.
Критиките доаѓаат од сите страни: делови од Либералите се жалат на бавното темпо на намалување на бирократијата, ЕПП е вознемирена од едностраните дејствија во надворешната политика, а Социјалдемократите и Зелените, од друга страна, стануваат скептични во врска со промената на курсот во насока на раст и конкурентност, подалеку од социјалните проекти и Зелениот договор.
Мелер, сепак, предупредува да не се носат брзи заклучоци: „Обвинувањата не ја загрозуваат фундаментално моќта на Претседателката“. Клучно сега е центарот да се одржи заедно и во добро расположение.
„Иронично, претстојното гласање за доверба ѝ нуди можност да го стори тоа“, додава таа.
Фон дер Лајен може да ја дисциплинира својата коалиција со тоа што гласањето ќе го направи прашање на лојалност.
Опасно или освежувачко?
Дали ваквите барања за гласање за доверба се симбол на опасна дестабилизација или израз на демократска виталност? „И двете“, вели Коста. „Контроверзиите се доказ за жива демократија во ЕУ. Но, ако излезат од контрола, постои ризик од губење на функцијата.“
Значи, Парламентот во четврток ќе одлучи за иднината на Фон дер Лајен. Коста не гледа причина за непосреден крај на мандатот на актуелната претседателка, туку напротив, нова нормалност со постојани стрес-тестови.
„Фон дер Лајен ниту ќе поднесе оставка ниту ќе биде отпуштена – за многумина, таа е сè уште најдобрата опција. Бидејќи каква би била алтернативата?“.
Но, големината на кампот „не“ е политички значајна: „Слаб резултат би го одразил заладениот однос меѓу Комисијата и Парламентот.“
Извор: Дојче веле/ Автор: Теса Клара Валтер