Фокус: Семејството на Данела Арсовска поседува недвижнини од 3.500 квадратни метри

Данела Арсовска на прес пред Универзалната сала / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Скопската градоначалничка Данела Арсовска официјално стапи на функција на 8 ноември, а имотната состојба ја пријавила еден месец подоцна – анкетниот лист што таа го поднесе до Антикорупциската комисија по стапување на функцијата беше скромен, имајќи во предвид дека навела два помали стана од 38 и 42 метри квадратни во скопски Ѓорче Петров, гаража, автомобил и банкарски депозити.

Но, официјалната документација од Катастарот на недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиното семејство поседува голем недвижен имот составен од куќи, хотели и згради, кој Арсовска не го пријавила во анкетниот лист, затоа што се води на име на член од семејството со кој не живее во исто домаќинство, пишува Фокус.

Имотните листови откривааат дека таткото на Арсовска, Ванчо Јовановски поседува недвижен имот од вкупно над 3.500 квадратни метри.

Тој поседува куќа во Кисела Вода со двор од 719 квадратни метри, како и стан во населбата со површина од 115 квадратни метри. Преку имотниот лист со број 30005, на Јовановски му е впишана сопственост врз недвижен имот од 534 квадрати, исто така во Кисела Вода, каде на иста адреса е лоциран и хотелот „Империјал“. Од друга страна, имотниот лист со број 44553 покажува и сопственост на станови во три различни објекти со вкупна површина од 619 квадрати, со тоа што во оваа квадратура не влегуваат помошните, подрумскиот простории и заедничкиот простор, пишува Фокус.

Инаку, Јовановски своевремено бил инспектор во МВР, а денес поседува компании каде претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка Арсовска. Нивната семејна бизнис кариера почнува пред повеќе од 15 години, кога почнува и официјално со работа компанијата „Ројал Груп“, која е основана на 25 јануари 2008 година. Но, податоците од Централниот регистар говорат дека како прв сопственик на компанијата се јавува токму Арсовска.

Историјатот на промени покажува дека по извршени повеќе од 15 промени до 2012 година досега, актуелната градоначалничка фигурира еднаш како сопственик, еднаш како управител, па неколкупати се бришат тие податоци, за потоа, нејзиното име никаде да не може да се сретне. Исто така, според документите, Јовановски на негово име поседува четири компании, од кои една е правно неактивна. Потоа, една компанија поседува неговата сопруга Марика Јовановска, додека уште една фирма поседува нивниот син, пишува Фокус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот