Финансии: Јавниот долг е намален, сега е под 55 проценти од БДП

Министерство за финансии / Фото: МИА

Јавниот долг е намален за 2,2 процентни поени и заклучно со првиот квартал од 2022 година, според денеска објавените податоци, изнесува 54,9 отсто од БДП. Истовремено, намалување е забележано и кај државниот долг кој на крајот на март изнесува 46,8 отсто и понизок е за 1,9 процентни поени, соопшти Министерството за финансии (МФ).

Оттаму наведуваат дека дополнителното намалување на јавниот долг е потврда за добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии, особено што тоа е евидентирано во период на криза.

Фискалната политика останува на определбата за натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

„Клучни елементи на фискална политика во наредниот период се редизајнирањето и подобрената структура на јавните финансии, преку зголемено учество на капиталните расходи, како и етапната фискална консолидација. Буџетскиот дефицит во 2020 година изнесуваше 8,2 отсто од БДП, а во 2021 година е 5,4 отсто од БДП. Годинава продолжува тој тренд на намалување. Во првите четири месеци, односно јануари-април 2022 година остварен е за 44 отсто помал дефицит во однос на тој период минатата година“, велат од Финансии.

Министерството за оваа година проектира дефицит од 5,3 отсто од БДП, 4,2 отсто во 2023 година, 3,6 отсто во 2024 година, 3,2 отсто во 2025 година, 3 отсто во 2026 година и 2,8 проценти во 2027 година.

Истовремено од МФ истакнаат дека остануваат на определбата за натамошно намалување на јавниот долг и негово спуштање под Мастришкиот критериум од 60 отсто од БДП. Согласно ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг, на среден рок, според министерството до 2027 година јавниот долг ќе се стабилизира и ќе се намали на 56,6 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50,2 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот