Филмот „Изгубени илузии“ триумфираше на наградите „Цезар“

Филмот „Изгубени илузии“ освои најмногу награди на 47-та церемонија на доделувањето на француските филмски награди „Цезар“ во Париз. Француските оскари, како што ги нарекуваат, беа доделени за најдобрите филмови за минатата година. Настанот помина во сенка на пандемијата, но и на војната во Украина.

„Изгубени илузии“, адаптација на романот на Оноре де Балзак, во режија на Ксавиер Џаноли, освои седум награди од вкупно 15 номинации, а меѓу нив е и онаа за најдобар филм. Наградата во салата „Олимпија“ ја прими еден од неговите продуценти, Оливие Делбоск. Меѓу другите освоени награди што ги доби филмот се и онаа за најдобро адаптирано сценарио, како и за најдобра споредна машка улога за Винсент Лакост и најдобра машка филмска надеж на Бенџамин Воазин.

Романтичниот мјузикл „Анет“ се најде веднаш зад „Изгубени илузии“. Освои пет награди од вкупно 11 номинации, а меѓу нив се и наградите за најдобар режисер на Леос Каракс, како и за најдобар саундтрак.

Анамарија Вартоломеи ја доби наградата за најдобра женска филмска надеж за улогата во „Настан“ на Одри Диоан, филм за абортусот, адаптиран од Ани Ерно.

Наградата за најдобра машка улога му припадна на Беноа Магимел за улогата на болен од рак во филмот „Живот“ на Емануел Берко.

Најдобрата женска улога ја доби Валери Ломерсиер за мјузиклот „Алин“, инспириран од животот на Селин Дион.

Актерката и болничарка Аисату Диало Сања освои „Цезар“ за споредна улога во „Фрактура“, посветувајќи ја наградата на здравствените работници.

Филмот „Татко“ со Ентони Хопкинс ја доби наградата за најдобар странски филм. Режисерот, французинот Флоријан Зелер, изјави дека се чувствува чудно да добива награда за странски филм во својата родна земја.

Актерката Изабел Ипер ѝ го подари почесниот „Цезар“ на Кејт Бланшет, која доби силни овации кога излезе на сцената. „Тешко е да се помисли на нешто друго освен Украина“, изјави Бланшет.

На церемонијата беше одликуван и Жан Пол Белмондо, кој почина минатата година, на 88-годишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот