Филмот и изданијата на „новиот бран“ на „Кроација рекордс“ ќе бидат промовирани во Скопје

Со македонската премиера на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ на 17 август во Кинотека на РСМ ќе почнат деновите на „Кроација рекордс (Croatia Records)“ во Скопје.

Имено, во чест на четири децении од објавувањето на култниот албум „Пакет аранжман“, но и серија други албуми, кои му припаѓаат на движењето познато како „новиот бран“ со „Шарло Акробата“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и деби-проектите на „Електрични оргазам“ и „Хаустор“, најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“ на почетокот на оваа година реализираше филм „Нов бран – 40 години подоцна“, на авторот Никола Кнежевиќ, музички уредник во „Кроација рекордс“.

Кнежевиќ, заедно со белградската новинарка Олга Кепчија (радио-водителка на Београд 202), за таа пригода направи серија интервјуа со главните актери кои беа дел од приказната, новинари, музички продуценти, дизајнери, дискографи, и со помош на CMC Телевизија направи филм со времетраење од 101 минута.

По проекцијата на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, на летната сцена на Кинотеката, Никола Кнежевиќ, заедно со Иван Беќковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија, ќе имаат трибина на која ќе зборуваат за значењето на „Новиот бран“ на овие простори, затоа што интересот на публиката и по 40 години не се намалува.

До сега филмот беше претставен во Белград, на „Мартовскиот фестивал“ и на фестивалот „Док’ен’ритам“, како и во Крагуевац, во рамките на „Арсенал фест“.

На 18 август, на прва промоција на „Кроација рекордс“ во Скопје, по цели 30 години ќе биде претставена актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „новиот бран“, „Индекси – Модра ријека“, како и компакт-дискот „Зафир пјева, Македонија пјева“, кој беше објавен минатата година за „Југотон Кроација рекордс“, но заради короната не можеше да биде претставен на јавноста. Во меѓувреме големиот поет, актер и музичар Зафир Хаџиманов почина, но остана аманетот албумот објавен на компакт-диск (винилот е од 1986 година), да биде промовиран во неговото Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 87, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот