Филмот „Ако немаше небо“ освои награди на два фестивала во Индија

Краткометражниот игран филм „Ако немаше небо“, снимен по сценарио и во режија на Бранко Попчевски, ги освои наградите за најдобар краток филм, како и за најдобар актер за улогата на Ѓорѓи Јолевски, на филмските фестивали во Калкута и во Мадјапрадеш, во Индија.

Филмот претходно беше прикажан во официјалната селекција и на меѓународни филмски фестивали во Ванкувер, Монтреал, Лондон, Будимпешта и Загреб.

Во филмот играат актерите Ѓорѓи Јолевски и Елизабета Клинчаревска Младеновска. Филмот е снимен во продукција на „Сан Арт“.

Актерот Ѓорѓи Јолевски ја игра главната улога во краткиот филм „Ако немаше небо“

Во синопсисот на филмот е напишано дека по катастрофа на земјата, еден човек останува сам, обидувајќи се да преживее во пустелија. Постојано се бори да најде храна, вода и засолниште, и некако успева да продолжи, од ден за ден. Но, не само телото има потреба да биде спасено. Луѓето се емотивни и социјални суштества, па затоа тој мора да се обиде да го спаси и својот ум. Како да го направи тоа во овие услови, сам на светот? Некое далечно поле со големо дрво во средината, под кое го чека убава жена, постојано му се појавува во мислите и соништата. Во најтешките моменти, му дава утеха и мотивација да продолжи понатаму.

Сценарист и режисер на филмот е Бранко Попчевски, продуценти се Никола Китановски и Бранко Попчевски, додека кинематографер е Никола Китановски. Монтажата ја потпишува Ивона Попчевска, костимографијата е на Раде Василев, шминката на Игор Петрески, додека музиката ја потпишува Бранко Попчевски.

„Сан Арт“ е здружение за аудио-визуелни уметности од Скопје, основано во 2015 година како наследник на познатото студио за аудио и видеопродукција „Абра-Кадабра“. Основано од Бранко Попчевски, чие долгогодишно искуство како продуцент и композитор 30+ години во индустријата, резултираше со продукција на 12 документарни филмови, над 20 музички спотови и над 20 ТВ реклами.

По започнувањето на соработката со Никола Китановски како втор продуцент и директор на фотографија, тие решаваат да ги преплетат своите искуства и да создадат нова компанија за филмска и ТВ продукција под името „Сан Арт“. Со акцент на играна и документарна продукција, тие заедно создаваат еклектичен каталог на проекти. Во нивното портфолио веќе се кратките филмови „Зајче на животен крстопат“ (2020), „Ручек“ (2022) и „Ако немаше небо“ (2022), а работат и на првото долгометражно филмско остварување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот