„Филип Морис“ останува во Русија, на тутунскиот гигант не му се исплаќа да замине

Фабрика на „Филип Морис“ во Русија / фото: PMI.com

Една од најголемите светски тутунски компании, „Филип Морис Интернешнл“ денеска соопшти дека „претпочита да го задржи“ својот бизнис во Русија, наместо да го продава под строгите руски услови. Компанијата вели дека би се соочила со огромен финансиски удар доколку се обиде во овој момент да го напушти рускиот пазар.

Извршниот директор, Јацек Олчак, вели дека „Филип Морис“ имал разговори со најмалку тројца сериозни потенцијални купувачи, но дека преговорите биле прекинати бидејќи компаијата не знаела како да го направи тоа, посочувајќи на регулативата за странските компании при продажбата, пишува „Фајненшл тајмс“.

Олчак вели дека компанијата има обврски кон акционерите и дека не може наеднаш да ја напушти Русија.

„Тоа се нивни пари, а не мои. Да имав клиент кој може да ја направи трансакцијата, ќе го направевме тоа, но клиент не постои. Нема надеж. Затоа повеќе би сакал да го задржам овој бизнис“, изјави извршниот директор на „Филип Морис“.

Голем број мултинационални компании најавија дека ќе ја напуштат Русија по нејзината инвазија врз Украина, но многу од нив сè уште работат во земјата, и цела година од почетокот на војната. Според истражувањето на Меѓународниот институт за развој на менаџментот, помалку од девет отсто од компаниите од земјите на ЕУ и Г7 ја напуштиле Русија до крајот на минатата година.

„Империјал Брендс“, производителот на цигарите „Давидоф“, го продаде својот руски бизнис со годишен профит од 463 милиони долари на локален партнер веднаш по инвазијата. „Јапан Тобако“ најави дека нема намера да замине, додека „Бритиш Американ Тобако“ официјално се обидува да најде купувач за својот бизнис во Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот