Фестивалот на детски театри „Игор Маџиров“ стана нов простор за детската фантазија

Првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што се одржа од 30 септември до 4 октомври во 2022 година, во Театарот за деца и младинци во Скопје и на кое учествуваа девет претстави од различни земји на Европа, заврши со доделување на наградите.

Жири-комисија во состав Диана Кржаниќ Тепавац, актерка, театарски педагог и претседател на АСИТЕЖ – Србија, во својство на претседател на жирито, заедно со членовите Благој Чоревски, актер, и режисерката Драгана Милошевски Попов, главната Гран-при награда ја додели на претставата „Тивкото момче“ во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија.

– Претставата е комплетен уметнички чин што храбро отвора чувствителни теми, користејќи внимателно избран театарски јазик, лесно препознатлив и прифатлив од публиката – стои во одлуката на жирито.

Гран-при за претставата „Тивкото момче“ во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија

Жирито додели и две специјални награди и тоа за претставата „Жирафа“ на театарот „Хоп сињор“ од Атина, Грција, за исклучителната креација, изработка, водење и анимација на куклите и за комплетната естетика и театарскиот израз во претставата. „Жирафа“ ја понесе и наградата за најдобра сценографија, затоа што со минимални средства оваа претстава остварува силни визуелни импресии и отвора простор за детската фантазија.

„Авантурите на малиот Јују“ на Градски театар Риека, Хрватска

Покрај нив, жирито додели уште една Специјална награда на претставата „Авантурите на малиот Јују“, за колективната актерска игра и за извонредното користење сценските елементи направени од природни материјали, како и за изведбата и употребата на музичките инструменти во неа. Оваа претстава се закити уште и со Наградата за најдобра режија на Рената Карола Гатица.

Марко Хергешиќ во претставата „Авантурите на Баронот Минхаузен“

Наградата за најдобра машка улога му припадна на актерот Марко Хергешиќ, за улогата во претставата „Авантурите на Баронот Минхаузен“, на театарот „Жар птица“ од Загреб, Хрватска. Истата претстава ја освои и наградата за најдобра костимографија, на авторката Џениса Пецотиќ.

Наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на актерката Јулијана Мирчевска, за улогата на Марика во претставата „Јованче и Марика“, во изведба на театарот „Бабец“ од Битола.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 149, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот