Фестивал на новата генерација филмски автори ќе се одржи во Охрид

Петтото издание на „Бич филм фестивал“ ќе се одржи од 20 до 24 јули на четири локации во Охрид и ќе донесе проекции на повеќе од 40 филмови од 17 различни европски земји.

Талентирани домашни и регионални автори на новата генерација на европскиот филм ќе имаат можност да ги прикажат своите филмски опуси, но ќе имаат и исто таква шанса да се запознаат со професионалци и личните искуства на уметници кои се вбројуваат во самиот врв на светската кинематографија на петтото издание на „Бич филм фестивал“ во Охрид. Публиката, пак, ќе може да ужива во богатата филмска програмa со проекции крај Охридското езеро.

Во пет фестивалски денови на четири специфични за фестивалот локации, како амбиенталноста на амфитеатарот во предворјето на црквата „Св. Софија“, плажата „Славија“, Лапидариумот и Бродот „Армада“, ќе бидат организирани филмски проекции на повеќе од 40 филмови од 17 различни европски земји.

На 20 јули отворањето на Фестивалот ќе се одржи на новата локација во предворјето на монументалната црква „Св. Софија“, како едно важно културно обележје на градот Охрид. „Бич филм фестивал“ ќе биде отворен со грчкиот филм „A Simple Man“.

Следните фестивалски денови филмовите ќе се прикажуваат на плажата „Славија“, во Лапидариумот и на Бродот „Армада“. Во Официјалната селекција на долгометражни филмови ќе бидат прикажани и филмовите „Anais in Love“,„ A Pure Place“, „Inventura“, „Bitch“, „A Derogatory Term for a Woman“, „Infinite Sea“. Додека во Официјалната селекција на краткометражни филмови и краткометражни студентски филмови ќе бидат прикажани 33 филмови.

На петтото издание на „Бич филм фестивал“ за наградите „Голем бран“ – најдобар долгометражен филм, „Мал бран“ – најдобар краткометражен филм, „Стефан Сидовски Сидо“ за најдобро актерско остварување ќе одлучува тричленото жири составено од Фред Келемен, Кавех Захеди и Срѓан Драгојевиќ.

Во фокусот на фестивалот, покрај филмските проекции е и едукативниот контекст, односно отворање можност на младите и заинтересираните луѓе да го збогатат и развијат своето познавање на филмската уметност и работа. За таа цел оваа година ќе се одржат две работилници, „Дизајн на филмски постер“, која ќе биде предводена од младата дизајнерка Матеја Николиќ, и „Филмска опрема“, чиј модератор ќе биде Илија Тирицовски.

Покрај работилниците, мастерклас ќе одржи Кавех Захеди, насловен како „Неуспех, можност за развој“. Захеди е американски режисер на независни филмови кој ќе го пренесе своето животно искуство и ќе го отвори прашањето дали успехот се состои во задоволување само на една општоприфатена рамка. Модератор на мастеркласот ќе биде Ивица Димитријевиќ.

Како и секоја фестивалска година, филмските вечери ќе бидат затворени со музика, а за тоа ќе се погрижат младите диџеи Дамјана, Милан Серафимов, Anna Noodle, Andreas Hz и бендот „Хајка“.

Затворањето на петтото издание на фестивалот ќе ја следи воспоставена пракса да биде прикажан нов македонски филм, а годинава тоа ќе биде „Сестри“ на Дина Дума.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот