Фекална вода тече од шахти по патот од Визбегово за Шутка, никој ништо не презема

Фотографија од читател

Граѓаните кои го користат патот од Визбегово накај Шутка тврдат дека подолг период на патот се излева отпадна фекална вода од канализационите шахти, пред отпадот за старо железо и објектот за продажба на половни авто делови. За проблемот, како што велат, се жалат и вработените во објектите лоцирани покрај патот, но досега никој не реагирал.

Често поминувам оттука за да ги избегнам гужвите кога одам кон гробиштата „Бутел“. Не можам точно да ви кажам колку долго трае ова, а вработените од околните објекти велат дека сигурно една година течат фекалии. Целата околина ужасно смрди и е потенцијален извор на зараза. Тече од две шахти лоцирани од десната страна покрај патот. Се обидов да пријавам во „Водовод и канализација“, но поради тоа што проблемот сѐ уште постои, очигледно е дека ништо не презеле – реагираше во нашата редакција Гоце од Скопје.

Фотографија од читател

Според неговото објаснување, најверојатно луѓето кои работат во близина, во обид самите да го решат проблемот, направиле импровизиран канал за да не течат фекалии по патот, но тоа не дало резултат.

Иако ова не е урбанизиран дел од градот, сепак срамота е да се дозволи на ваков начин да се загадува и да се загрозува здравјето на луѓето, затоа што и тука некои граѓани секојдневно го поминуваат работното време – вели нашиот соговорник.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и покрај обидите да добиеме некакво објаснување за реакцијата на граѓаните веќе десетина дена нема одговор на прашањето дали претпријатието има сознанија за тоа што се случува на патот од Визбегово кон Шутка и дали досега нешто презеле или планираат да преземат за решавање на проблемот.

Овој дел од градот е познат и по депониите со отпад кои често никнуваат на овој простор, па фекалната вода чие излевање никој не го запира уште повеќе придонесува за загадувањето на околината што таму се случува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот