Езера од вода, кал и метеж на улиците низ Скопје, граѓаните се лути на властите и бараат одговорност за хаосот

Дупки полни со вода на скопските улици/Фото: Слободен печат

При секој дожд, Скопје ги покажува своите слабости, особено недостигот на атмосферска канализација на голем дел од улиците и ненавремено исчистените шахти и сливници. Редовно и при не многу обилни врнежи се полнат со вода веќе познатите критични точки низ градот. На подвозниците тешко се поминува, а голем проблем последниве месеци претставуваат и раскопаните улици, чија реконструкција наместо во текот на летото, започна есенва кога временските услови не се баш погодни за асфалтирање. Токму од тие причини, реконструкциите траат многу долго, а во меѓувреме граѓаните се принудени да газат низ кал и вода. Ваквата слика која помалку наликува на хаос во главниот град засега нема одговорност од властите за нервозите на граѓаните.

Дождот што повремено врнеше во изминативе денови во Скопје го наполни со вода булеварот Кузман Јосифовски Питу, којшто во моментов се реконструира на потегот од Железничка станица до раскрсницата со булеварот Кочо Рацин. Поради тоа, по улицата се создадоа колони возила кои од Аеродром се движеа кон центарот на градот, а бидејќи улицата не е затворена за сообраќај мораа граѓаните да минуваат низ езеро од вода, која при тоа нема каде да истекува бидејќи сливниците се на повисоко ниво од раскопаниот коловоз.

Колапсот во сообраќајот многуверојатно ќе трае и во наредниве месеци во кои допрва се очекува и врнежи од дожд и од снег, а нема точна најава кога ќе заврши реконструкцијата. Последна информација од Град Скопје за оваа улица е дека оваа, како и улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, каде исто така градежните зафати започнаа есенва, ќе бидат целосно завршени на почетокот на наредната година.

Булеварот Кузман Јосифовски Питу досега неколпкупати се реконструираше, а од Градот не информираа колку ќе чини сегашниот зафат, освен дека се прави поради дотраеност и оштетеност на асфалтот и како што велат, по барање на граѓаните.

Реконструкцијата на Митрополит Теодосиј Гологанов ќе чини 43 милиони денари и освен замена на оштетениот коловоз на неа ќе се реконструираат и тротоарите, а ќе се изведува и нова атмосферска и фекална канализација. Додека не завршат работите и во строгиот центар на градот таа ќе предизвикува метеж по улиците, а при секој дожд, кал и вирови вода.

Некои улици низ Скопје и при слабите врнежи од дожд се преполнија со вода, пред се поради неисчистени сливници и сливници затрупани со лисја од дрвјата.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, согласно најавите за обилни дождови, спроведоа активности за проверка на критичните точки, чистење на сливниците од паднатите лисја и гранки, чистење на шахтите и каналите се со цел непречена функционалност на атмосферската канализација на територија на град Скопје – известија од јавното претпријатие.

Како што информираат од таму нивните екипи и вчера во во вечерните часови биле на терен и интервенирале секаде каде што има потреба и каде имало затната атмосферска канализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот