Архива

Европскиот суд за човекови права пресуди: Задолжителната вакцинација е легална и може да биде неопходна

Европскиот суд за човекови права денеска пресуди дека задолжителната вакцинација е легална и дека можеби ќе биде неопходна во демократските општества.

Пресудата следи после заклучокот од некои жалби кои беа упатени од фамилии во Чешка до судот заради задолжителната вакцинација на децата.

-Мерките би можеле да се сметаат неопходни во демократското општество, наведе судот.

Иако пресудата не се однесуваше директно на вакцините против ковид-19, експертите веруваат дека тоа можело да има импликации на кампањата на вакцинација против коронавирусот, особено меѓу оние кои досега одбиваа да ја примат вакцината.

-Оваа пресуда ја засилува можноста за задолжителна вакцинација под условите на моменталната пандемија, рекол Николас Хервиу, правен експерт специјализиран за Европскиот суд за човекови права.

Што е пресудено?

Во одлуката се вели дека задолжителните вакцини кои ги пропишаа чешките здравствени власти се во „најдобар интерес“ за децата, пренесува „Дојче веле“.

-Целта мора да биде за секое дете да биде заштитено од сериозна болест, преку вакцинација или имунитет на стадото, се додава.

Судот одлучи дека здравствената политика на Чешка не го прекршила членот 8 за правото на почитување на приватноста во рамки на Европската конвенција за човекови права.

Според законот во Чешка, децата мораат да бидат вакцинирани против девет болести.

Случајот на суд го изнесоа фамилии кои биле парично казнети или на чии деца им бил одбиен пристапот во градинка заради тоа што не ги вакцинирале децата.

Преседан

Земјите ширум Европа и светот забележаа „поплава“ на дезинформации поврзани со пандемијата на коронавирусот. Ова не само што ги наведе луѓето да бидат скептични спрема самиот вирус, туку и спрема вакцините против него.

 

Антиваксерите, односно луѓето кои одбиваат да ја примат вакцината или да ги вакцинираат своите деца, ширеа различни теории на заговор за тоа зошто владите сакаат да ги вакцинираат своите жители.

Како резултат на тоа, земјите се соочуваат со големи делови од општеството кои одбиваат да се вакцинираат, заради што колективниот имунитет може да стане недостижен.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права создаде преседан според кој задолжителната вакцинација не смее да биде во спротивност со Европската конвенција за човекови права. Тоа не значи дека европските земји ќе ги натераат граѓаните да се вакцинираат, но во случај тоа да го направат, таа одлука во очите на судот веројатно ќе биде легална.

Ова може и да се однесува на Србија, каде властите размислуваа за задолжителна вакцинација за здравствените работници, откако дел од нив одбиваа да се вакцинираат.

Извор: Блиц.рс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот