Европа има седум дена да ја поправи лошата слика што ја нацрта Бугарија

Никола димитров и Бујар Османи, Фото: Архива

Не е загубена можноста Македонија сепак да ги почне преговорите за членство со ЕУ во декември за време на германското претседателство, кое е силно посветено процесот да успее, порачаа викендов министрите за евроинтеграции и за надворешни работи Никола Димитров и Бујар Османи.

Во петокот, Бугарија на амбасадорско ниво го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка. И премиерот Зоран Заев, кој прв ја објави бугарската блокада, оценувајќи ја како непријателски потег и прекршување на Договорот за добрососедство, смета дека со засилена комуникација ќе постојат можности за излезни решенија.

Конечната одлука дали преговарачката рамка ќе биде усвоена ќе ја донесат министрите на земјите-членки на 17 ноември, а дотогаш амбасадорите во ЕУ ќе имаат уште неколку состаноци на кои ќе се бара решение за инсистирањето на Бугарија билатералните прашања со Македонија да влезат во европскиот документ за преговори. Но, ако цената за преговорите е македонскиот јазик и идентитет, според Димитров, преговори ќе нема.

Димитров најави можност германски експерти да се вклучат како олеснувачи во македонско-бугарската комисија, особено околу методологија на работа, како што им предложил и претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнамер.

– Мислиме дека во Бугарија ни должат разбирање за нашето достоинство и македонскиот идентитет, и на тие линии ќе продолжиме да работиме. Нема да се караме со нив, нема да фрламе камења. Без разлика на нашата домашната политичка дебата, можеби и да изгубиме поени дома и тоа е океј, но истовремено не може по секоја цена да одиме по патот кон кој сме тргнале – рече Димитров.

Според него, најважно е каква порака ќе испрати ЕУ кон регионот.

– Отворањето на преговорите ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех за Брисел, Софија и Скопје. Каква е пораката за Балканот ако во март има одлука за преговори, а до декември ништо не се случи? Довербата во зборот на ЕУ ќе се истенчи уште повеќе – рече Димитров.

Министерот Османи рече дека е можно на наредните состаноци на амбасадорите да се постигне согласност.

– Има простор да се направат објаснувања дека Република Северна Македонија нема никакви територијални претензии и дека со ова решение од Преспанскиот договор и долгото и краткото име се однесуваат на политичкиот ентитет на државата Република Северна Македонија. Го покренуваат и прашањето на јазикот, и Бугарија има право да си го задржи својот став за тоа прашање, но тоа не значи дека тој став треба да биде префрлен на ЕУ, или став на земјата-кандидат и има простор да се издвои тој став на Бугарија од ставот на ЕУ – вели Османи.

Надеж дека Бугарија нема да ја блокира Македонија даваат и пораките што ги испраќаат европските интелектуалци кои го осудуваат бугарскиот шовинизам и национализам, а критика кон бугарското однесување викендов испрати и американскиот дипломат Џејмс Пердју, кој е поранешен амбасадор во Софија.

– Примамливо е Бугарија да се обиде да ја искористи својата позиција како членка на ЕУ додека Северна Македонија се обидува да добие членство. Но не сум сигурен дали вреди да се создаде непријателство меѓу владите на двете земји и нивните народи. Национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ и затоа Софија треба тесно да соработува со Скопје – рече Пердју.

Тој додаде дека секоја земја може да го нарече својот јазик како сака и дека историските спорови никогаш не се конечно решени, односно за нив „научниците се расправаат со векови“.

Од друга страна, опозицијата побара оставка од премиерот Заев и техничка влада.

– Доведена е во прашање европската перспектива на Македонија под раководство на Зоран Заев. Поразена е неговата политика на свиткана кичма, и во име на тоа најчесно би било тој и неговиот тим на политичари веднаш да заминат, за да дојдат луѓе кои што ќе ја креваат Македонија од оваа положба. Веднаш да ги напуштат позициите и да организираат предвремени избори, а веднаш сега можеби треба и да почнеме да размислуваме за една идеја што ја почнаа од Алијансата за Албанците, а тоа е влада за национален спас, техничка влада или некоја друга форма – рече лидерот на ВРМО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Три клучни барања

Бугарија има три клучни барања за да ја поддржи преговарачката рамка за Македонија – добрососедските односи да бидат критериум за членство, да се користи официјалното уставно име наместо краткото име и македонскиот јазик да не биде регистриран како официјален јазик во ЕУ, туку како „официјален јазик“ на земјата-кандидат.

Според амбасадотор на Бугарија во ЕУ, Димитар Цанчев, кој ги смета позитивните оценки на Европската комисија за напредокот на Македонија за нереални, мора да има одделно преговарачко поглавје за добрососедските односи.

– Имаме голем проблем. Тој е многу сериозен. Ова не е некоја банална полемика околу историјата што може да им се остави на историчарите. Скопје ја фалсификуваше историјата на штета на соседните земји кои спаѓаат во географската област Македонија за да го аргументира новосоздадениот идентитет и претензиите кон соседните земји – рекол Цанчев.

Каракачанов: Бугарија нема да потклекне

Бугарскиот вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов порача дека ја полеале Македонија со студен туш во надеж дека ќе се освести и дека земјата не е подготвена да почне преговори за членство со ЕУ, затоа што Владата во Скопје повеќе од три години се обидува да не го спроведува Договорот со Бугарија.

– Не можам да разберам зошто некои надворешни набљудувачи ги мешаат работите. Бугарија не аплицира за членство. Бугарија е земја-членка, Македонија аплицира за членство во ЕУ и треба да биде јасно дека обврските што ги презеде мора да ги почитува. Во Македонија се чини дека продолжува да постои идејата дека некој ќе ја притисне Бугарија во последен момент и дека Бугарија ќе потклекне – рече тој.

Според него, кандидатот за членство се однесува агресивно, покажувајќи очигледни претензии кон Бугарија за малцинство, со кражба на историјата и со говор на омраза.

– Замислете си го Скопје утре во ЕУ, кој ќе има добивка од тоа? Бугарија дефинитивно ќе изгуби ако има сосед како Македонија, која е членка на НАТО и ЕУ и која има таков тон и однесување – рече Каракачанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот