ЕУ ги отвори вратите за кинеската економија

Кон крајот на минатата година кога Македонија очекуваше датум за пристап до ЕУ и нејзина несебична подршка во спорот со Бугарија, Унијата беше преокупирана со свои проблеми и значајни прашања. Едниот проблем беше донесувањето на буџетот, а второто прашање беше финализирање на еден од можеби нејзините најзначајни договори, Сеопфатниот договор за инвестиции меѓу ЕУ и Кина (СДИ).
Овој договор склучен на 30 декември 2020 е билатерален договор што ќе ги замени постојните билатерални договори за инвестиции меѓу одделни земји-членки на ЕУ и континентална Кина.
Кумулативните текови на странски директни инвестиции на ЕУ од ЕУ кон Кина во последните 20 години достигнаа повеќе од 140 милијарди евра. Кинеските пак странски директни инвестиции во ЕУ се скоро 120 милијарди евра.
Договорот склучен од Европската комисија – поттикнат од Германија и Франција и со согласност на сите земји-членки – ќе ги подобри условите за европските компании кои прават бизнис во втората по големина економија во светот, ќе создаде работни места во Европа и Кина и ќе му даде на Пекинг поттик за соработка со Европа.

Главната цел на Договорот (СДИ) би била зајакнување на заштитата и намалување на бариерите на билатералните инвестиции.

Договорот ќе биде разгледан и одобрен од Националниот народен конгрес во Кина и парламентите на земјите на ЕУ, а целиот процес може да трае околу една година за да стапи во сила.
Што се однесува до инвестициите, Сеопфатниот договор за инвестиции (СДИ) меѓу ЕУ и Кина ќе биде најамбициозниот договор што Кина некогаш го има склучено со трета земја. Покрај правилата против присилниот трансфер на технологии, тоа ќе биде и првиот договор за испорака на обврски за однесување на државните претпријатија, сеопфатни правила за транспарентност за субвенции и обврски поврзани со одржливиот развој.

Покрај тоа, ЕУ преговараше за понатамошни и нови отвори и обврски за пристап до пазарот, како што се елиминирање на квантитативните ограничувања, ограничувања на акциите или барања за заедничко вложување во голем број сектори. Ова се ограничувања кои сериозно ги попречуваа активностите на европските компании во Кина. Целокупниот пакет е далеку поамбициозен отколку што се има обврзано Кина порано.
Од страната на ЕУ, пазарот е веќе отворен и во голема мера е посветен на услужните сектори според Општиот договор за трговија со услуги (ГАТС). Чувствителностите на ЕУ, како што се во областа на енергетиката, земјоделството, риболовот, аудио-визуелните, јавните услуги и сл. се зачувани во СДИ.

Па сепак овој договор предизвика бура од критики во ЕУ.
Три големи аргументи се покренати против затворањето на договорот сега. Првиот е дека тоа е стратешка победа за кинескиот претседател Си Џипинг, распарчување на Западот и награда на агресивното меѓународно однесување на Пекинг. Второто е што не се почитуваат човековите права на прогонетите муслимански Ујгури во провинцијата Ксинџијанг, опколените демократи во Хонг Конг и кинеските дисиденти. И третото е дека тоа претходи на напорите на администрацијата на Џо Бајден да изгради координирана трансатлантска стратегија за спротивставување на растечката наметливост на Кина.

Некои, исто така, тврдат дека договорот Договорот може исто така да ја попречи можноста на Блокот (ЕУ) да примени економски санкции против големите прекршувања на човековите права.
Вакви дилеми немаа петнаесет азиско-пацифички земји, вклучително и демократии како Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија, кои во ноември потпишаа Регионално сеопфатно економско партнерство со Пекинг без да обезбедат каква било обврска за работните стандарди.

Сè на сè, спогодбата претставува чекор кон подобри услови за игра, како помеѓу Брисел и Пекинг, така и меѓу европските и американските корпорации кои работат во Кина.
Економската меѓузависност е комплицирана и бара внимателно управување. Но, тоа, исто така, создава заеднички интереси за стабилност и меѓународен систем заснован на правила. Кина е навистина и системски ривал и витален економски партнер.
Не треба да се обвинува ЕУ дека се обидува да управува со обете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот