
Ем ги нема, ем не ги плаќаат- градежниците висат на скелиња за минимум на сметка и за кеш на рака!
Додека власта се фали дека Македонија е претворена во огромно градилиште, а во исто време цените на становите отидоа до небо, сите ги затвораат очите пред очигледните примери за злоупотреба на градежните работници, каде што работодавачите остваруваат профит, а вработените работат за ниски плати, реагира Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво (СГИП), за „Слободен печат“
Повеќе од 12.000 македонски градежници ја напуштиле земјава, но оние што останале висат на скелињата од утро до мрак за минимум на сметка и за кеш на рака. Статистичките податоци за второто тримесечје даваат мрачен приказ на состојбите – 17,1 отсто од вработените во градежниот сектор воопшто не се регистрирани, односно се во зоната на неформалната вработеност.
Препорачано
Лани во земјава биле изградени 1.978 објекти, а се завршени вкупно 2.512 стана со вкупна површина од 296.537 м2. Од друга страна, според Институтот „Фајненс тинк“ во вториот квартал биле креирани над 4.000 работни места во градежништвото, без прецизно објаснување за нивниот статус. Статистиката забележа раст во градежништвото во второто тримесечје од 7,3 отсто.
И додека власта се фали дека Македонија е претворена во огромно градилиште, а во исто време цените на становите отидоа до небо, сите ги затвораат очите пред очигледните примери за злоупотреба на градежните работници, каде што работодавачите остваруваат профит, а вработените работат за ниски плати, реагира Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво (СГИП), за „Слободен печат“.
– Сивата економија во градежништвото се шири и добива димензии на сериозен проблем од два аспекта – цената на станбениот квадрат урива рекорди, кешот во секторот е масовно распространет, а работниците и натаму се плаќаат во кеш. Јавна тајна е дека добар дел од работниците со ниско, средно и високо образование се регистрирани за најниска плата или износ малку поголем од тоа, а остатокот го добиваат во плик. Затоа не е изненадувачки што деловните субјекти од овој сектор остваруваат високи профити. Многу е тешко да се докаже начинот на плаќање во плик, освен ако работникот не ја пријави таа злоупотреба. Но, тие се плашат да не ги изгубат своите работни места, на што работодавачите прават значителни заштеди. Инспекциите мора да бидат максимално ажурни, бидејќи преку практиката на исплата на дел од платата на рака, работодавачите во градежниот сектор заштедуваат илјадници евра, а државата губи големи износи врз основа на неплаќање даноци и придонеси за делот од платата што оди во плико – објаснува Пешевски.
Тој додава дека проблем се и ниските плати во овој сектор, што значи дека градежните работници се многу поназад во споредба со другите индустрии. Во јуни таа изнесувала 40.000 денари, што е за речиси 6.000 денари помалку од просечната на ниво на држава.
– Од друга страна, работодавачите особено оние во високоградбата остваруваат голем профит, но дури и тоа им е малку. Имено, цените на становите се толку високи, што претставуваше аларм и за Народната банка. Од друга страна, цените на комуналиите, на работната рака и на градежните материјали не се зголемени. Институциите треба да се запрашаат како е можно за кус период од 500 или 1.000 евра за квадрат, сега еден квадрат да стаса до над 3.500 евра – поентира Пешевски.
Вкупно во земјава во овој период имало речиси 100 илјади лица во сивата зона или за 8,5 отсто повеќе од првото тримесечје. Повеќе од половината се во агросекторот (51,4 отсто) што и некако може да се објасни со сезонскиот карактер на потребните работници во земјоделството.
Хрватска го достигна плафонот, бројот на странски работници опаѓа, особено во градежништвото
Една третина од македонските работници примале плата во плик
Недостатокот на договор за работа не е само симптом на скриена работа и даночна евазија. Тоа исто така укажува на неефикасен пазар на трудот, недостаток на заштита и ниско ниво на доверба во судскиот систем. Вработените без договори често работат значително подолго време (вклучувајќи ноќни смени, работа за време на викенди и празници) без дополнителни бенефиции, не користат боледување и се заклучени на своите работни места без можност за напредување.
Кога вработените ќе одлучат да ги напуштат своите работни места (промена на работа), тие често ја губат платата од последниот месец или го добиваат само износот официјално наведен во договорот, покажа едно поранешно истражување на СЕЛДИ за сивата економија во Југоисточна Европа. Според ова истражување, во просек 20 отсто од работниците со договори во земјите членки добивале плата во плик, односно поголем износ (кој не се пријавува на властите) од оној што е наведен во договорот за вработување, а во Македонија таа бројка била дури една третина.
Лани имало 22 несреќи на градилиштата, а 4 биле смртни
Во 2024 година се случиле дури 22 несреќи на македонските градилишта, покажува Годишниот извештај за несреќи при работа на македонското Здружение за заштита при работа. Во истиот Извештај стои и дека најголем број несреќи што резултирале со смрт има во дејностите на градежништвото и транспорт и складирање по 4. Во градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имало исто така зголемен број повреди и смртни случаи, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување несреќи при работа.
Во 2023 година се забележани вкупно 728 повреди на работа, што претставува зголемување во однос на претходната година од 11 отсто, стои во Информацијата за повреди на работа 2022-2023 година на Институтот за јавно здравје. Истата година се регистрирани 32 повреди на градежници, а во сите случаи станувало збор за машки лица.