Екстремните временски услови го загрозуваат извозот на облека од Азија

облека

Екстремните горештини и поплавите би можеле да избришат 65 милијарди долари од приходот кој се добива од извозот на облека во четири азиски земји до 2030 година поради суровите работни услови и затворањето на погоните, се вели во објавената студија на Универзитетот Шродерс и Корнел.

Истражувањето во синџирите на снабдување на шест светски брендови за облека во Бангладеш, Камбоџа, Пакистан и Виетнам покажа дека сите шест ќе доживеат негативни материјални влијанија. Еден бренд може да претрпи загуба до пет проценти од годишната оперативна добивка на групацијата.

„Ниту еден добавувач или купувач меѓу нашите соговорници не обрнуваше внимание на овие две прашања – горештини и поплави. Одговорот на индустријата на климатските промени опфаќа ублажување, емисии и рециклирање додека во голема мера или целосно се исклучуваат поплавите и топлината“, рече извршниот директор на Коднел Глобал Лејбор Институт, Џејсон Џад.

Истражувањето треба да алармира во модната индустрија, која се соочува со значителни финансиски трошоци, како и кај инвеститорите на кои им недостасуваат доволно информации за изложеноста на компаниите, велат авторите на студијата.

Разбирањето на физичките ризици со кои се соочуваат компаниите поради климатските промени е исклучително важно со оглед на порастот на температурите на Земјата, но процесот сè уште е во зародиш, малку компании откриваат доволно информации, а само неколку инвеститори ги анализираат.

„Има многу малку податоци. Некои брендови не ги откриваат локациите на фабриките на добавувачите“, рече шефот на истражувањето за одржливи инвестиции на Шродерс, Ангус Бауер.

Користејќи ги проекциите, истражувачите ги анализираа очекуваните високи температури и поплави во иднина за да проценат што ќе се случи според сценариото за „адаптација на климатските промени“ и сценариото за „екстремни горештини и поплави“.

Во вториот случај, работниците би страдале од поголем „топлински стрес“ и нивните работни перформанси би се намалиле бидејќи температурата на „влажниот“ термометар, кој ја мери температурата на воздухот, влажноста, нивото на радијација и движењето на воздухот, би се зголемила.

Поплавите би ги принудиле фабриките да ги затворат вратите во сите четири земји, кои сочинуваат 18 отсто од светскиот извоз на облека. Нивната индустрија за облека и обувки вработува 10,6 милиони работници.

Целокупниот пад на продуктивноста би го намалил проектираниот приход за 65 милијарди долари од 2025 до 2030 година, што е еквивалентно на пад од 22 отсто и ќе резултира со губење на 950.000 работни места, покажа студијата.

До 2050 година приходите од извозот би се намалиле за 68,6 отсто, а бројот на изгубени работни места би надминал осум милиони, пресмета Шродерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот