Екстра трошок во соседството: Грчките патарини од септември ќе бидат поскапи од 12 до 16 отсто

Патарина во Грција/ Фото: Nicolas Economou/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Новите цени ќе важат само од септември до декември годинава, бидејќи следниот месец треба да се утврдат надоместоците што треба да се наплатат од почетокот на 2024 година, повторно според индексот на потрошувачките цени. Годишно во Грција патуваат над половина милиони македонски граѓани кои само од Скопје до Гевгелија и обратно плаќаат 720 денари

Без разлика дали ќе се решат за еднодневен излет до некоја од грчките плажи или пак ќе уплатат вонсезонски аранжман, македонските патници треба да знаат дека од први септември патарините во Грција ќе бидат поскапи од 12 до 16 отсто во просек. Според БТА, која се повикува на грчките медиуми, ова го најавиле концесионерите на главните грчки автопатишта. Порталот Капитал.гр објави дека зголемувањето на патните такси за оваа година треба да биде околу 12 проценти и тоа врз основа на индексот на потрошувачките цени, а сајтот Њумани.гр прецизира дека во барањето на концесионерите поскапувањето на некои наплатни пунктови достигнува до 16 проценти! Новите цени ќе важат само од септември до декември годинава, бидејќи следниот месец треба да се утврдат надоместоците што треба да се наплатат од почетокот на 2024 година, повторно според индексот на потрошувачките цени. Годишно во Грција патуваат над половина милиони македонски граѓани, кои само од Скопје до Гевгелија и обратно плаќаат 720 денари!

Поради близината, најголемиот дел од нашите туристи до јужниот сосед патуваат со своите автомобили, па штом ќе ја преминат Богородица по околу 500 метри, се среќаваат со првата патарина во Грција каде за моторни возила во еден правец цената е 1,80 евра. Следна е обиколницата во Солун (Ореокастро) и таму се плаќа уште една патарина, која за автомобилите е 0,50 евра, а за мотоциклите 0,30 евра.

За патниците кои се упатуваат во правец на познатото летувалиште Аспровалта, на наплатната рампа треба да издвојат 90 евроценти за автомобил, 60 евроценти за мотоцикл и 2,30 – 3,20 евра за големи возила. Најголемиот дел од македонските туристи ги избираат плажите на Халкидики, но од Солун до Халкидики не се наплаќа патарина. Доколку се патува од Солун до Атина, на тој автопат кој е од врвна класа има 11 наплатни пунктови, а вкупната патарина е 31,35 евра. Од Евзони пак до Лефкада има 8 наплатни пунктови, а вкупната патарина е 14,65 евра, додека од Евзони до островот Тасос има 5 наплатни пунктови, а вкупната патарина е 7,40 евра. Ако се упатите од Евзони до Парга ќе наидете на 7 наплатни пунктови, а вкупната патарина ќе ве чини 10,60 евра. Не е наодмет да се знае и дека од Евзони до Крф има 7 наплатни пунктови, а вкупната патарина е 10,60 евра.

Одлуката за зголемување на цените на патарините предизвикала остра реакција на грчкото Министерство за инфраструктура и транспорт. Во нивното соопштение се вели дека „нивната желба е да се најде реално решение без да се оптоваруваат граѓаните во 2023 година и се нагласува дека државата ќе ги исцрпи сите опции што и се на располагање за да ги запре едностраните дејствија на компаниите“.

„Потсетуваме дека на 3 јули концесионерите побараа средба во министерството за да се разговара за ажурирање на патарините врз основа на концесиските договори. Одржани се две средби, но наше изненадување на 28 јули пристигна допис во кој концесионерите се изјаснија дека имаат намера да продолжат со значително зголемување на патарините“, пишува во соопштението на грчкото Министертво за транспорт.

Економскиот портал Капитал.гр објави дека зголемување на патарините во согласност со инфлацијата, било предвидено од 1 јануари, но одлуката била замрзната на шест месеци поради изборниот период и енергетската криза. Но, овој рок е веќе истечен и концесионерите инсистираат на тоа што е предвидено во нивните договори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот