ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО | Спасовски за УБ: Очекувам мирен изборен ден – имавме мирна кампања

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи / Утрински брифинг

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека сите граѓани ќе имаат пристап до гласачките места в недела. Тимовите на МВР се подготвени и постои посебна оперативна акција „Локални избори 2021“. Прв предизвик на МВР беше во соработка со ДИК да ги обезбедиме сите податоци за гласачите. Пред сѐ треба на граѓаните да им се овозможи слободно да го дадат својот глас, вели Спасовски за Утрински брифинг.

-Документи за лична идентификација се издаваат редовно и забрзано за да можат граѓаните да излезат на гласање. Знаете дека го продолживме важењето на истечените пасоши и тие податоци се внесени во избирачкиот список, вели Спасовски.

Спасовски констатира дека имавме навистина помирна кампања од претходните изборни циклуси и дека тоа за МВР и за него лично била целта. Тој додава дека карактеристика во овие изминати изборни процеси за време на неговиот мандат секој следен циклус е помирен и со помалку инциденти.

-Немаме пријави за сериозни инциденти освен искинати плакати, а искршени штабови имаше само два од кои во еден случај беа инволвирани малолетни деца. Сериозни инциденти нема. На изборите ние ќе настапиме со доволно полиција што ќе го обезбеди изборниот процес. Изборната кампања завршува денес, од вчера почна транспорт на доверливиот материјал и за време на гласањето заштита на правото на гласање, се трите клучни задачи на МВР за време на изборите. Полициски службеници на денот на изборите ќе има на секое избирачко место, но тие не смеат да влегуваат внатре на гласачкото место освен по повик на претседателот на изборната комисија, вели министерот Спасовски за Утрински брифинг.

Оливер Спасовски / Утрински брифинг

Што ќе се случи ако не функционираат терминалите за гласање, го прашавме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешен Утрински брифинг.

-Досега не сме учествувале во процес на гласање со фингерпринти. Но, ние обезбедивме софтвер и ги предадовме до ДИК нашите податоци за отисоци од прсти на гласачите. ДИК по изборите ќе има обврска да ги врати овие податоци. Ако има проблем со терминалот, тој ќе се замени или ќе се премине на класично гласање како порано, вели Спасовски за Утрински брифинг.

Тој појасни дека за фингерпринтите се грижи избирачкиот одбор оти полицијата не смее да влезе на избирачко место. Спасовски очекува дека нема да има проблеми и дека изборот на софтвер и терминали е соодветен и додава дека ова е систем кој не е врзан на интернет и не може да се хакира.

Тој упати апел за секое прекршување на изборниот процес да се пријави во полиција, оти како членка на НАТО и аспирант за ЕУ тоа не смееме да си го дозволиме. Спасовски изрази надеж дека ќе имаме мирен избирачки ден.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како висок партиски функционер на СДСМ, во денешен Утрински брифинг го прашавме за неговите гледишта за исходот на изборите.

-Во Куманово имаме пет кандидати. Секој од нив има право да се бори за гласот на гласачите. Според мене е подобро да има повеќе избор, вели Спасовски за понудата на кандидати во неговиот град.

Јавноста има впечаток дека нема инвентивност во кампањата за овие локални избори, дека сѐ се одвива според старите правила и стратегии.

-Ние како партија сме зацртале каква стратегија ќе водиме на кампањата. Пред сѐ имаме позитивен пристап со промоција на програмата специфична за општината. Тоа е до толку детална програма што се однесува и на микро ниво, на ниво на месни заедници, вели Спасовски за Утрински брифинг.

И на овие локални избори иако се бираат нови локални власти според реториката и отворањето национални теми се има впечаток дека станува збор за парламентарни избори.

-Секогаш на какви било избори националните теми имаат влијание или се во фокусот на секој од нас. Иако на 17 октомври нема да се одлучува за избор на влада туку за локална власт, јас укажував дека нема поважни избори од локалните за интересите на граѓаните, вели Спасовски.

Тој додава дека ова се историски избори затоа што ќе видиме дали ќе му дадеме шанса на режимот на ВМРО-ДМПНЕ да се врати на власт.

-Локалните избори секогаш се најважни за граѓаните. Оти секој граѓанин кога ќе стане наутро се соочува со локални проблеми кои треба да ги реши локалната власт. Ние тргнуваме со голем број градонаалници што сме ги имале досега за да добиеме најмногу градоначаници, вели Спасовски.

Постои притисок за вонредни парламентарни избори ако СДСМ не помине добро на овие избори и ако изгуби поголем дел од општините со кои досега управуваше. Спасовски е категоричен дека тоа нема да се случи затоа што, како што вели, СДСМ и коалицијата нема да ги изгуби овие избори и очекува апсолутно да имаат сериозен успех в недела.

-И независните кандидати секако дека ќе земат одреден број гласови исто како и другите помали партии, но тоа нема да биде голем број. Јас мислам дека нема да има изненадување од овој аспект. Сметам дека кандидатурите кои се независни или на некои политички субјекти се производ од неостварена желба преку големите партии. Има мал број вистински независни, но тие се невидливи, коментира Спасовски за Утрински брифинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот