Ексклузивно интервју со обвинителката Гоговска Јакимовска за случајот Онкологија: Независно вештачење ќе го расчистува сомнежот за несовесно лекување

Формиран е тим од стручни лица кои од една страна го анализираат материјално-финансиското работење на Клиниката, а од друга страна помагаат и во анализа на медицинските истории на пациентите. Еден дел од медицинските истории се веќе издвоени поради сомненија за несовесно лекување и тие ќе се вештачат од независна релевантна институција, вели Гоговска Јакимовска

Стеснет е кругот на потенцијални сторители на кривични дела против здравјето на луѓето и проневера на Клиниката за онкологија и дејствијата се конкретизираат. Единицата за финансиски истраги, по наредба на јавниот обвинител, е задолжена да отпочне финансиска истрага за повеќе лица. Ова во ексклузивното интервју за „Слободен печат“ го нагласува обвинителката во Основното јавно обвинителство Скопје Ана Гоговска Јакимовска, надлежна за предметот „Oнкологија“. Таа ја уверува јавноста дека кривичен прогон ќе има против сите за кои постојат докази дека сториле кривично дело и изнесува и други детали од предистрагата – со кои институции соработуваат, кои мерки досега се преземени, ја оценува и работата на собраниската Анкетна комисија и најавува дека ќе сторат сè загубената доверба во Клиниката да биде вратена.

 Еден месец по почетокот на предистрагата поврзана со работата на Клиниката за онкологија, јавноста нестрпливо очекува резултати од работата на ОJO Скопје. Станува збор за веројатно еден од најголемите скандали во македонското здравство воопшто кој засега огромен број тешко болни пациенти и нивни блиски. Разбирлив е притисокот од јавноста што поскоро да се дојде до вистината за овој случај. Обвинителке, во каква фаза се истражувањата?

– Најпрвин да кажам дека сме апсолутно свесни за интересот на јавноста и за тежината на овој предмет и затоа со најголема сериозност пристапуваме кон истражувањето на овој случај кој ги вознемири граѓаните. Наша задача е што поскоро врз основа на докази да дојдеме до вистината и со тоа да ја вратиме довербата на пациентите во работата на Клиниката. Предметот е оформен врз основа на новинарски истражувања и не е резултат на претходни криминалистички проверки. Новинарските истражувања даваа индиции за повеќе различни кривични дела на Клиниката за онкологија, вршени во подолг временски период и со можност за вклученост на поголем број лица. Затоа, прва задача на Oбвинителството беше да се заштитат, да се обезбедат доказите и да се спречи нивно евентуално уништување по објавата на новинарските истражувања на оваа тема. Она што можам да го кажам е дека најголем дел од доказите се веќе обезбедени, во тек се вештачења и анализи на компјутерски податоци, на голем број медицински досиеја за третман на пациенти, а се вршат и распити на сите лица кои можат со своите сознанија да ѝ помогнат на истрагата.

Кога може да се очекуваат резултати?

– Навистина работиме со силно темпо. Во предистражните дејствија целосно е вклучен Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје кој презема голем број дејствија за анализа на доказите. Во јавнообвинителскиот тим, покрај мене, е уште една јавна обвинителка од ОЈО Скопје, со огромна поддршка и од основниот јавен обвинител, но и од други колеги во Oбвинителството. Во рамките на надлежностите, како орган надлежен за откривање на кривичните дела постапува и Министерството за внатрешни работи. Единицата за финансиски истраги, по наредба на јавниот обвинител, е задолжена да отпочне финансиска истрага за повеќе лица. Освен ова, во постапката директно ги вклучивме ревизорите од Државниот завод за ревизија и стручни лица од Фондот за здравствено осигурување. Се формираше и тим од стручни лица кои од една страна го анализираат материјално-финансиското работење на Клиниката, а од друга страна помагаат и во анализа на медицинските истории на пациентите. Еден дел од медицинските истории се веќе издвоени поради сомненија за несовесно лекување и тие ќе се вештачат од независна релевантна институција. За дел од проверките се обративме и до колегите во Косово за обезбедување определени податоци, а слична комуникација претстои и со Oбвинителството во Албанија. Обемот на дејствија што се преземаат и бројот на вклучени институции сметам дека јасно покажуваат дека приоритет е темелна истрага која ќе нè донесе до вистината.

Колку лица се опфатени со предистрагата и за кои кривични дела тие може да одговараат?

– Првичните докази упатуваат на основи на сомнение за кривични дела против здравјето и проневера во службата. Тоа се две линии по кои се движи предистрагата до овој момент. Врз основа на доказите, кругот на потенцијални сторители на такви кривични дела е стеснет и дејствијата се конкретизираат. Она што можам да ја уверам јавноста како надлежен јавен обвинител е дека кривичен прогон ќе има против сите за кои постојат докази дека сториле кривично дело.

 Oваа предистрага е специфична и по тоа што за првпат Oбвинителството дозволи вклучување на лица од надвор и онколошки пациенти добија директен увид во текот на истрагата. Што ве натера на ваков чекор и дали тие уште ја следат истрагата?

– Кога го оформивме овој предмет се соочивме со фактот дека истражуваме наводи за евентуално загрозување на правото на здравствена заштита кое е загарантирано со највисокиот акт – Уставот. Загрозувањето на ова право и наводите кои ги истражуваме се исклучително трауматични и вознемирувачки за пациентите кои се борат со оваа тешка болест. Тоа го видовме уште веднаш кога ја започнавме предистрагата и кога една помала група онколошки пациенти почнаа самоиницијативно секојдневно да доаѓаат пред зградата на Јавното обвинителство и да чекаат одговори од нас. Затоа решивме да им овозможиме директен увид во сите прибрани докази, да ги споделиме со нив сите сознанија и да ги увериме дека Oбвинителството ќе постапува темелно и одговорно. Да, пациентите кои беа избрани и делегирани од нивните претставници доаѓаат во ОJO Скопје и редовно се информираат за текот на постапката. Нивниот придонес е огромен и во делот на мотивирање на другите пациенти и нивни блиски да помогнат во предистрагата со сопствени сознанија и сведоштва.

Она што често му се забележува на Обвинителството е бавната реакција. И за овој случај, ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија е објавен уште во април, а Јавното обвинителство се заинтересира за наводите на ревизорите дури по објавата на новинарските написи. Исто така, има и неколку претходни пријави за кражби на лекови од Клиниката за онкологија од пред неколку години за кои дури сега се заинтересираа институциите. Зошто беше потребно толку време за институциите да реагираат?

– Во сите овие предмети се постапувало и се постапува. Во двата случаи со медицинската сестра од Клиниката за онкологија, на пример, првичните кривични пријави беа поднесени за сосема други кривични дела. Колегите јавни обвинители кои постапуваа направија проверки и обезбедија соодветни докази со кои извршија соодветна правна квалификација на кривичното дело и поднесоа обвиненија против медицинската сестра. И не се само овие. Во текот на изминатите години, Јавното обвинителство и претходно постапувало во повеќе предмети поврзани со работата на Клиниката за онкологија. За потребите на оваа сеопфатна постапка која ја водиме сега, ние направивме еден детален преглед и ги обезбедивме тие предмети кои биле водени низ годините и од кои еден дел се затворени. Доколку доказите обезбедени во овој предмет имаат импликации и врз претходните случаи поврзани со работата на Клиниката, за тоа веднаш ќе ја информираме јавноста. Нагласувам дека целта на оваа постапка e да ги разоткрие сите евентуални пропусти, без разлика на чија страна се тие.

Да се отстранат системските слабости

 

Во Собранието се формираше Aнкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија. Како го коментирате формирањето, ќе има ли совпаѓање на надлежностите? Што ќе истражувате вие, а што пратениците?

– Колку што сум запознаена со Деловникот за работа на Комисијата, не би требало да има совпаѓање зашто нивниот мандат е во делот на утврдување на евентуална политичка одговорност. Во надлежност на Обвинителството е кривичната одговорност. Би напоменала две работи. Првата е дека навистина очекувам огромна внимателност при споделувањето со јавноста на информации кои би можеле да ја нарушат истрагата. Таква внимателност е неопходна од сите институции, дури и во рамките на евентуалните сведочења пред Анкетната комисија. Втората работа која сакам да ја потенцирам е одлуката на Анкетната да се фокусира и на изнаоѓање и предлагање на решенија за евентуалните системски пропусти кои се случувале на Клиниката за онкологија. Овој пристап сметам дека е исклучително важен. Кривичната одговорност, секако, ќе се утврди за сите оние за кои ќе има докази дека сториле кривични дела. Меѓутоа, сметам дека она што мора да произлезе на крајот на овој процес не е само кривична санкција за одговорните, туку итно отстранување на сите системски слабости и спречување на вакви настани во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот