Економијата во тетовско по заминувањето на печалбарите: Дел од локалите се затвораат, во останатите ретко кој влегува

Фото: Слободен печат

Затворени локали, веќе ретко кој влегува во трговско-угостителските објекти во Тетово.

Ваква е сликата во градот по Шара, но и во целиот полошки регион по заминувањето на печалбарите.

Тие изминативе два месеци ја раздвижија економијата во тетовско-гостиварскиот регион, но, сега особено малиот биснис едвај крпи крај со крај.

Тетовецот Менсур Арифи 42 години се заминава со златарска дејност. Има златара во градскиот трговски центар во Тетово.

Фото: Слободен печат

По заминувањето на печалбарите наместо со трговија се занимаваме со други работи, ги чистиме излозите, имаме време за моабет со соседите колку ти душа сака, оти ретко кој влегува во мојот, но и во останатите локали ,вели Арифи.

„Тие пари кои што ги оставија печалбарите со нив опстануваме преку цела година. Сега во периодов што следи добро е ако останаме на позитивна нула.Секогаш кога се печалбарите тука има работа се трошат пари за свадби, одмор и слично. Сега веќе ќе почнеме ние да трошиме пари за огревно дрво за зимница за почеток на учебна година, сега кризата голема ќе биде. Но, повторно ќе дојдат печалбарите за време на новогодишните празници и пак може да заработиме некој денар. Но, купувањето од нивна страна не е како порано. Купуваат поситни работи и тие како порано не трошат, младината го менува трендот, вели златарот Менсур Арифи.

Печалбарите имаа капацитет, но и претприемачки дух и да вложат во Македонија, а од нивните инвестиции во некој бизнис да се живее преку цела година, велат експертите. Универзитетската професорка Хирије Алили вели дека потребна е политичка стабилност, ако сакаме сериозни инвестиции од исселениците, така ќе имаме раст на економијата, не само на микро туку и на макро план.

Фото: Слободен печат

„Со доаѓањето на печалбарите се чуствува раздвижување на економијата, тие трошат пари за разни свадбени церемонии за домашни потреби. градат куќи и ги одржуваат, но сето ова е од микро-аспект. Тоа што би требало да се направи е инвестиција во инфрастурктурата и да се создадат поволни услови за печалбарите оти тие имаат искуство, можат да станат претприемачи, а сето тоа ќе се почуствува во македонската економија. Ние 30 години сме во транзиција и малку е направено од оваа гледна точка.Инвестициите секогаш се поврзуваат со даноците. Ние имаме од тој аспект олеснителни околности. Странските инвестиции биле стимулирани од државата. Но, тука треба да се земе и политичкиот апсект, ако сакаме да имаме инвестиции треба да се покажеме и како стабилна држава“, вели универзитетската професорка Хирије Алили.

Економистите истакнуваат дека во зависнот од годината, приливот на пари од печалбарите се движи од 1 до 2 милијарда евра. Со прометот кои го прават додека се дојдени дома, се покрива голем дел од трговскиот дефицит. Но ретко кој од нив сака тука да инвестира. Велат дека не се чуствуваат сигурни, оти законите не се почитуваат.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека лани приливот на пари од гастарбајтерите надминал над 2 милијарди евра, што е 20% од БДП.

Одредени статистики говорат дека речиси 50% од населението од овој регион е гастарбајтерско.

Печалбарите во полошко двојно го зголемија прометот, но и сообраќајниот хаос и проблемите со сметот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот