Печалбарите во полошко двојно го зголемија прометот, но и сообраќајниот хаос и проблемите со сметот

Фото: Слободен печат

Секое второ возило во полошко е со странска регистарска табличка. Трговските и угостителските објекти „тријат“ раце со доаѓањето на печалбарите.

Фото: Слободен печат

Дел од нив велат дека со парите кои се дојдени иселениците во својот роден крај ќе „крпат“ уште неколку месеци, но после пак истата приказна локалите ќе има бидат полупразни.

„Можам слободно да кажам дека во мојата златара прометот е зголемен сега со доаѓањето на гастарбајтерите и над 60 %. Добро е што се уште доаѓаат и трошат пари во нивниот роден крај оти да не се тие, да не е прометот кои го правиме во летниот период мислам дека над 50% од локалите би затвориле. Тие прават многу за нас, но мислам дека државата и општинските власти многу малку прават за нив“, вели еден златар кој има златара во Градскиот трговски центар во Тетово.

Фото: Слободен печат

Поголем дел од печалбарите се поретко сакаат да зборуваат за медиумите. Накусо велат дека се дојдени тука да се видат со семејството, а да инвестираат не размислуваат оти како што велат за тоа нема услови, а целата администрација според нив била партизирана.

-Да ви кажам искрено сѐ поретко идам тука во Македонија. Не сум задоволен од правецот во кој се движи оваа држава. Законите не се почитуваат. Синот сѐ уште ми живее тука во Македонија , но и тој размислува да замине, вели еден печалбар од Германија, по потекло од тетовско Камењане.

-Да инвестираш во нешто не си сигурен, за да направиш нешто ти требаат пријатели, да не речам врски, во спротивно треба да чекаш со години за да извадиш некоја дозвола за нешто. Последните десет години ретко кој сака да инвестира тука, мислам на печалбарите оти нѐ лажат, ни велат добредојде слободно инвестирајте со поволности, но од тоа нема ништо. Ќе не заглават во некои биркратски лавиринти да не знаеш главата каде ти е, додава друг печалбар роден во Тетово.

Таканаречената „трета генарација на печалбари“ наместо во својот роден крај одат на море

Економистите истакнуваат дека во зависнот од годината, приливот на пари од печалбарите се движи од 1 до 2 милијарда евра. Со прометот кои го прават додека се дојдени дома, се покрива голем дел од трговскиот дефицит. Но ретко кој од нив сака тука да инвестира. Велат дека не се чуствуваат сигурни, оти законите не се почитуваат.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека лани приливот на пари од гастарбајтерите надминал над 2 милијарди евра, што е 20% од БДП.

Нашинците во странство имаат голема улога и ја држат македонската економија стабилна, но за тоа властите не сакаат да зборуваат, а камоли да создадат подобри услови за печалбарите.

Сепак според Хајредини, ваквата корист условно кажано од нив, во последно време се намалува, затоа што помладите гастарбајтери повеќе не сакаат времето да го поминуваат во својот роден крај. Државата треба да преземе чекори и мерки да ги мотивира печалбарите за да ја посетуваат својата земја.

„Сега таканаречената трета генерација на печалбари, ретко сака да доаѓа во Македонија, одат по одмори на море, се ориентираат по западниот стил на живеење. Но тука и државата си ја сноси одговорноста. Таа ретко сака да прикаже дека гастарбајтерите се тие кои ја раздвижуваат економијата во земјава, и во најкризните периоди. Таа за секој економски успех или раздвижување на економијата, сака да се пофали и да каже дека тие се заслужни. Треба да се мотивираат печалбарите да доаѓаат тука, да се промовираат, да се дочекуваат, да им се намалат бирократските процедури ако сакаат да изградат дом или пак во банките да завршат некоја работа, затоа што нивните пари се важни за домашната економија. На сите можни забелешки кои ги имаат печалбарите за државата треба да се работи, и треба да се задоволат нивните барања, треба Владата да работи да ги привлечат пелабарите. Дури Владата не сака да каже дека за заживување на економијата се заслужни печалбарите“, вели Хајредини за „Слободен печат“.

Печалбарите со пари од западот ја раздвижуваат економијата, но дел од нив немаат западни манири

 

Сѐ почесто на тетовските улици особено во вечерните часови може да се забележи како гастарбајтери претежно помладите се однесуваат крајно неодговорно со своите возила, а неретко учествуваат на диви трки.

Со луксузни автомобили и џипови дивеат, лудо стартуваат и чкрипат со гумите. Граѓаните велат дека гастарбајтерите треба да ни ја донесат западната култура, а тие се однесуваат полошо и од домашниите несовесни возачи.

Фото: Слободен печат

„Навистина има културни гастарбајтери, но има некои кога доаѓаат тука дивеат со нивните возила. И тука има народ што живее оди на работа и сака навечер да се одмори. Ако сакаат да се тркаат нека одат на трки, има на запад колку сакаш. Полицијата треба да преземе нешто во врска со оваа проблематика. Не само што се тркаат после полноќ кога нема луѓе по улиците, туку и приквечер лудо возат, не се чуствуваме сигурни“, вели еден жител на Тетово.

Од Сообраќајната полиција, велат дека нивни екипи секоја вечер се на местата каде се организираат дивите трки. Контролираат и казнуваат, со цел да се воспостави нормален сообраќај и поголема безбедност на патиштата, односно да се ублажи односно искорени оваа појава.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари пред неколку години во повеќе наврати побара толеранција кон печалбарите односно полицијата да биде попустлива кон печалбарите, да не ги казнува и најчесто да делува превентивно.

-Иселениците престојуваат само неколку дена во родниот крај и во тие денови, трошат и инвестираат толку многу пари што ја држат во живот економијата на државава. Ако мал дел од нив, главно помладите, не се доволно дисциплинирани во сообраќајот и се однесуваат на начин кој постарите генерации не го прифаќаат, сепак треба да биде со доза широкоградост и толерантност, сé додека нивното однесување нема последици и не претставува некоја посериозна повреда на законите, апелираше тогаш Таравари.

Сообраќаен хаос, нервозни возачи, купишта тони смет низ тетовските улици и тротоари, мини диви депонии околу контејнерите.

Ваква е сликата секоја година во месеците кога се пристигнати печалбарите во Тетово.

Гужвите низ тетовските улици се создаваат поради зголемениот број на странски возила, а кога се дојдени иселениците на дневна основа се создаваат двојно поголеми количини на смет.

Ваквите проблеми се провлекуваат со години, но властите без решенија.

-Свесни сме за проблемите со гужвите низ градот, можеби и ние гастарбајтерите сме виновни оти за секоја работа излегуваме со автомобил, треба можеби да користиме и автобус, но и да одиме и пеш понекогаш. Но, за отпадов низ јавните површини што е расфрлан и депониите кои се околу контејнерите општината мора нешто да преземе. Многу смрди, не се поминува, па сметот околу кантите насекаде го разнесуваат животни, ова не личи на ништо, многу е валкано и општината мора да преземе нешто, вели еден гастарбајтер дојден од Германија на одмор во својот роден крај.

Пред еден месец градоначалникот на Тетово Билал Касами, најави дека ЈКП Тетово ќе ги зголеми своите капацитети во пресрет на доаѓањето на печалбарите кога се собираат поголеми количини на смет на дневна основа. Но, како што додава, граѓаните ако сакаат почист град редовно треба да ги плаќаат комуналните сметки, и да се однесуваат поодговорно кон јавните површини.

-Апел да граѓаните да бидат посовесни во делот на плаќањето на обврските кон ЈКП Тетово, ако бараме чист град треба да ги плаќаме сметките, обврска со која не можеме да се пофалиме. Треба да бидеме повнимателни и со јавните површини. ЈКП Тетово стои на располагање за одреден вид отпад, ако се јават ќе дојдат да го земат отпадот, а не тој да се остава на јавните површини. Имаме план сега во летниот период да ги зголемиме нашите капацитети и гарантираме дека Тетово ќе биде чист град и ќе се сервисира редовно отпадот, посочи пред еден месец градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Но, според состојбата на терен каде секој ден има мини диви депонии, капацитетите на ЈКП Тетово како што најави градоначалникот Касами очигледно не се зголемени.

Одредени статистики говорат дека речиси 50% од населението од овој регион е гастарбајтерско.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот