Екологистите до Заев за малите хидроцентрали: Покажавте ниска еколошка свест и неинформираност

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

Плановите за изградба на голем број мали хидроцентрали, посебно оние во заштитени подрачја, не се само одраз на недоволна информираност и ниска еколошка свест, тие се јасен показател на невладеење на правото во државата, му порачаа во отворено писмо на премиерот Зоран Заев од граѓанската оганизација Фронт 21/42.

Хидроцентралите се мали, ама штетите се големи

„Сериозно не загрижува дека на малите хидроцентрали гледате како на „најеколошки извори на енергија“, преку кои „се обезбедува бидоверзитетот, преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките“. Особено е загрижувачки фактот дека овој став, како што наведувате, е во согласност со поуките на Вашите стручни советници“, се вели во обраќањето чијшто повод беше минатонеделната изјава на премиерот за малите хидроцентрали, кои тој ги нарече „најеколошки извор на енергија“, потенцирајќи дека така му кажале и неговите советници.

Екологистите, кои со години се борат против изградбата на малите хидроцентрали на планинските реки, од кои добар дел се во рамките на постојните или на идните национални паркови во државата му порачаа на Заев дека со издавањето под концесии како и со продолжувањето на концесиските договори за изградба на малите хидроцентрали, каков што е случајот со двете МХЕЦ во Жировница, лоцирани во строго заштитената зона на националниот парк Маврово, Владата ги крши не само Уставот, Законот за води и повеќе национални стратегии кои ја уредуваат ова област, туку и Бернската конвенција при Советот на Европа, чијшто потписник е државава. Тие го потсетија премиерот и на сè уште отворениот случај против Република Северна Македонија пред Комитетот на таа Конвенција околу изградбата на мали хидроцентрали во НП Маврово.

Слободен печат веќе пишуваше дека Владата, во декември лани нетранспарентно им ги продолжи договорите за концесии на неколку концесионери на мали хидроелектрани, меѓу кои и на Хидроген Енерџи Груп, фирма во која удел има и екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев и тоа за двете хидроцентрали во Жировница, со образложение дека биле попречени во изградбата од страна на локалното население.

„И покрај јасно искажаниот став на локалното население против хидроцентралите, како и коментарите и барањата за стопирање на овие проекти од страна на граѓанските организации – Вашата Влада даде зелено светло за продолжување на овие планови. Ве потсетуваме дека во последниот извештај за напредокот на државата кон Европската Унија, Европската Комисија укажува на потребата за подобрување на учеството на јавноста во процесите на донесување одлуки за малите хидроцентрали“, се вели во обраќањето на Фронт 21/42.

Тие побараа од Владата на чие чело е Заев да донесе одлука за итно стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Националниот Парк Маврово, доследно спроведување на Одлуката на Бернската Конвенција, како и Одлука за стопирање на сите планирани хидроцентрали на територијата на Шар Планина, која е во тек на прогласување за национален парк.

Фронт 21/42 го потсетуваат Заев дека во програмата на неговата Влада стои воведувањето забрана за мали ХЕЦ во заштитени подрачја и бараат стопирање на сите  постојни планови за мали хидроцентрали додека не се изработи документација според постојната домашна регулатива која пропишува водење сметка за животната средина.

Пред неколку дена со критики за Заев се огласија и од граѓанската организација „Еко свест“, потсетувајќи го на штетите од овие мали хидроцентрали поради зафатите на речните корита врз крајречната вегетација и живиот свет, кои се под постојан ризик од изумирање и го поканија да излезе на терен за самиот се увери во нивното негативно влијание врз природата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот