ЕК одобри нова вакцина против РСВ вирусот за постари лица и доенчиња

Фото: Profimedia

Европската комисија ја одобри употребата на вакцината „Абрисво“ на производителот „Фајзер“, наменета за заштита на повозрасни лица и на доенчиња на возраст до шест месеци од болести на долниот респираторен тракт предизвикани од РСВ вирусот.

Како што соопшти денеска Европската комисија, овој тип на вакцини е особено важен имајќи ги предвид зголемените инфекции со РСВ во ЕУ во текот на минатата зима и ќе помогне за зајакнување на имунолошкиот одговор на вирусот.

– Одобрувањето следи по строгата евалуација според механизмот за забрзана проценка на Европската медицинска академија (ЕМА). Имајќи предвид дека спречувањето на инфекција со РСВ кај децата е од голем јавен здравствен интерес, Комисијата го забрза одобрувањето на вакцината, се додава во соопштението.

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) ја одобри употребата на вакцината „Абрисво“ во јуни годинава.

По повод оваа одлука еврокомесарката за здравје и безбедност на храна Стела Киријакидес изјави дека ова е прва РСВ вакцина овластена од ЕУ, која не само што ги штити постарите возрасни лица, туку и доенчињата уште од самото раѓање.

– Во пресрет на претстојната есенска и зимска сезони, оваа вакцина може да помогне да се спречат сериозните последици од РСВ кај некои од нашите најранливи граѓани. Ова е особено важно за нашите деца, бидејќи РСВ е водечка причина за хоспитализација во ЕУ, истакна Киријакидес.

Според неа, одобрувањето на вакцината е доказ дека ЕУ е „решена да се справува со здравствените закани со решителна акција“.

– Со нетрпение очекувам да видам дека земјите членки ќе почнат да ја користат оваа прва вакцина, како дел од нивните национални кампањи за вакцинација – додаде Киријакидес.

РСВ е чест респираторен вирус кој вообичаено предизвикува благи симптоми слични на настинка и повеќето луѓе закрепнуваат во рок од една до две недели, но може да предизвика посериозни последици кај хронично болните, особено кај оние со белодробни или срцеви заболувања и дијабетес.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот