Едностраното раскинување на договорите за електрична енергија, ги остави општините во долгови, ЗЕЛС бара помош од државата

Седница на ЗЕЛС/Фото: МИА

Едностраното раскинување на договорите за набавка на електрична енергија ги остави општините во долгови, а некои од нив ќе ги испразнат едногодишните буџети предвидени за електрична енергија откако ќе платат сметка за струја за само еден месец.

За да не се наруши ликвидноста на општините, ЗЕЛС има барање до Владата да помогне во покривањето на сметките за електрична енергија.

Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска денеска не прецизираше колку точно пари ќе побараат од Владата, но рече дека ќе побараат да биде субвенционирана разликата од поранешните сметки за струја со новите, кои се за пет пати поголеми.

– Општините се финансиски зависни. ЗЕЛС ќе побара измени на Законот за финансирање, ќе буде побарано сериозно зголемување од собраниот ДДВ. Сега само мал процент од 4,5 проценти одат во буџетот на општините, а за да можат општините да функционираат неопходно е 50 проценти од ДДВ-то да влегува во буџетот на општините. Потребна е итна интервенција од страна на Владата и да се преземат мерки за да се намали продлабочување со кризата. Зголемувањето на цената на природниот гас и електричната енергија го продлабочува проблемот. Зголемување на трошоците за електрична енергија изнесуваат 500 проценти. Со само две сметки им се троши цел годишен буџет кој бил планиран за таа намена. Ако Владата не излезе во пресрет на барањето на ЗЕЛС, можни ќе бидат и рестрикции во однос на електричната енергија, нагласи Арсовска.

Арсовска проблемот го гледа во дозволеното  еднострано раскинување на договорите за снабдување со електрична енергија, а се доцни и со мерки за санирање на ценовните шокови.

– РКЕ мора да ги заштити општините,  да не се дозволува еднострано раскинување на договорите. Сега е вистинско време за заедничка соработка. Владата треба да и` помогне на локалната самоуправа, а со тоа ќе им помогне и на граѓаните, вели Арсовска.

Во општина Ѓорче Петров на пример додека бил активен договорот со Ју пауер сметката за струја изнесувала 700 илјади денари, а сега откако е раскинат договорот сметката изнесува над 3 милиони денари.

– Тоа е буџетот на Ѓорче Петров за одржување на сите јавни објекти за цела година. Барем Владата да ја субвенционира разликата, во меѓувреме да се заложиме за капитални проекти како поставување на фотоволтаици на објектите во општината, вели градоначалникот на општината Александар Стојкоски.

Во Струмица пак, сметките кои изнесувале седум  милиони денари, сега изнесуваат дури 25 милиони денари.

Ганиу: Плативме дел од долгот, греење ќе имаме за два дена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот