Едно општество за никого

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Ако сакаме да градиме „Едно општество за сите“, термин со кој овде почна да се тера мајтап, мора да најдеме поглед на работите кој е единствен, кој ги опфаќа различните перспективи и ги трансцендира. На пример, наместо споменици на УЧК или на масакрите, да се прави споменик на мирот и помирувањето, на кој заедно сите политичари ќе се заветуваат никогаш повеќе конфликтите да не ги решаваат со крвопролевања.

Македонија денеска е шизофрена земја. Најсериозно и најбуквално! Шизофренијата е ментално растројство во која човекот чувствува дека во него живеат две или повеќе сосема посебни, независни личности, често конфронтирани до непомирливост. Најпознат пример од литературата е приказната за доктор Џекил и мистер Хајд на шкотскиот писател Роберт Луис Стивенсон.

На ист начин и во Македонија живеат повеќе „личности“. Една е Македонија, мултиетничка и мултикултурна, повеќепартиска, повеќејазична, толерантна, и како таква се стреми кон интеграција во демократска Европа. На тој пат таа е оценета со суперлативи, како „светол пример“, со „мала“ забелешка за (претерана) корумпираност и криминал, и со еден голем малер, што некој однадвор (Бугарија) ја кочи во нејзиниот напредок кон членство во ЕУ. Еве и деновиве во посета доаѓаат високи странски гости кои повторуваат дека „земјата е подготвена“, остварила голем реформски напредок“, „дала големи жртви“ (сменила име, пред сè) и само недостига Софија да го тргне своето неразумно вето, па да го продолжи својот европски пат! И на некој начин тоа е точно. Споредена со многу земји, па дури и европски, кои не признаваат никакви етнички малцинства, кршат верски права, дискриминираат Роми, ЛГБТ-лица, Македонија со сите нејзини специфики, не изгледа така лошо. Но тоа е само едната страна од медалот и тоа гледана оддалеку.

А како изгледа другата страна на Македнија, погледната одблиску? Токму деновиве кај нас се одбележа 21-годишнина од смртта на осум припадници на безбедносните сили, кои во 2001 година беа крвнички масакрирани од припадниците на паравоените формации на УЧК или ОНА. Настанот го одбележаа здруженија на граѓани, семејства на жртвите, високи функционери на одбраната и на МВР, партиски личности, со пригодини објави „да не се заборави, да не се повтори“ и слично. „Сликите на човечка крв и изгорено месо нема никогаш да ги заборавам“ – се присети во таа прилика лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, очевидец на настанот, а сега партнер во владата со ДУИ, партија произлезена од тогашната УЧК во Македонија. „Нека им е вечна славата на нашите загинати херои. Како држава сме должни споменот на нив да го чуваме засекогаш и ваквите денови да ги одбележуваме достојно“, рече пригодно Ангелов.

И тука немаше да има ништо чудно, секоја земја има свои херои и ги слави, да не беше за само неколку дена подоцна, на 2 мај, најавено отворање гигантски споменик во Слупчане, токму на истата таа УЧК, која во 2001 година ги масакрирала бездушно и злосторнички овие македонски војници во Вејце. За да го најави овој настан, градоначалникот на Липково Еркан Арифи објави: „Она што мачениците го дадоа за нашата слобода, денеска подигаме Спомен-кула за да го одбележиме нивниот херојски подвиг за живот. Спомен-кулата за 2 мај ќе биде подготвена за инаугурација. Слава на мачениците на народот“.

Нема сомнение дека на еден ваков настан ќе бидат присутни највисоки државни функционери Албанци, и тоа во своето државно својство. Почнувајќи од претседателот на парламентот Талат Џафери, и самиот учесник во УЧК и во војната од 2001 година, кој штотуку ја посети Украина, каде се згрози од ужасите на војната и ѕверствата што му биле предочени таму. Не можеме да се сетиме дека некогаш се згрозил над злосторите сторени во Македонија од неговата воена формација, но нејсе.

Ќе речете, како ова е можно, во иста држава да се слават и убиените херои, и нивните убијци, исто така херои? Два сосема спротиставени погледи на едни исти настани си живеат еден покрај друг? Тоа можеби навидиум е демократски, мултиперспективно, постмодерно, но психички не е здраво. Длабоко внатре, во душите на сите граѓани, ваквата контрадикција никогаш не престанува да „работи“. Таа повремена испливува на површина, на разни начини, а најнаивно на спортски натпревари, на пример.

Ако сакаме да градиме „Едно општество за сите“, термин со кој овде почна да се тера мајтап, мора да најдеме поглед на работите кој е единствен, кој ги опфаќа различните перспективи и ги трансцендира. На пример, наместо споменици на УЧК или на масакрите, да се прави споменик на мирот и помирувањето, на кој заедно сите политичари ќе се заветуваат никогаш повеќе конфликтите да не ги решаваат со крвопролевања, но тоа е виша математича за нашите современи политичари. Не затоа што не можат да го разберат, туку затоа што мирот и помирувањето, за жал, не носат толку гласови колку херојските приказни.

Ова е само една шизиодна линија во македонското општесто, таа што оди по етничките меѓи. Ништо помалку опасна и погубна не е таа меѓупартиската. Таму постои тотален раскол, кој никој не го лекува, туку само го продлабочува. Нашата опозиција деновиве со сите пропагандни средства кои ѝ се на располагање пумпа зла крв во јавноста претставувајќи го т.н. „крвав четврток“ како херојски и патриотски чин, а насилниците кои тргнаа да убиваат луѓе во парламентот, некои и со оружје, како невини жртви на политички прогон. Спинувањето, лажењето и едностраноста беа доведени до брутални размери. Она што беше врвен срам – обидот да се спречи смената на една дискредитирана и криминализирана гарнитура од власт, да се нарекува „уставобранителство“ е најбезочно плукање во очи и правење будали од сите што се живи сведоци на тој не така одамнешен настан. Партијата која е највиновна што ги изманипулира сопствените членови, која ги организираше и ги мотивираше со насилство и „жив ѕид“ да ја бранат од паѓање од власт, сега ги убедува дека се жртви на политички прогон, а не на нејзината кратковидост и политичко хазардерство? Наместо да бара начин да се „испере“, да се дистанцира од таа срамна епизода, уште подлабоко се закопува во истата приказна. Ако така продолжи ќе мора во Македонија да се учат две истории за тоа што се случило на „крвавиот четврток“,  а некоја „мешовита комисија“ ќе преговара како да се третира во учебниците.

Што да се каже за лудата идеја на скопската градоначаничка која си поставила задача да го врати споменикот на Ќосето со анџарот пред судска палата? Споменик на една опскурна злосторничка фигура, патем деклариран Бугарин и антимакедонист, чие противзаконско и срамно поставување беше морбидна најава на крвавите настани што се случија. Што е пораката? Дека ќе има уште „крвави четвртоци“, дека правдата ќе се „истерува“ со анџари? И каде води тоа? Може ли за половина Македонци една личност да биде достојна за споменик пред Врховниот суд, а за друга, злосторник и убиец? И како тоа, градоначалничка ќе решава за овековечување на некоја историска фигура со споменик, небаре тоа е „урбана опрема“? Каде се историчарите? Ако градската власт незаконски го врати, централната има целосно право да го симне. А тоа е уште една шизофренија во акција.

Како тоа да е малку, среде Македонија, во Битола, се отвори бугарски клуб именуван според антимакедонска фигура, кој на позлатена табла декларира дека македонска нација не постои, дека  таа е „лага“ и дека „вистината ќе ја победи“!? Тоа се случува среде држава која во преамбулата на Уставот ставила дека е „држава на македонскиот народ и другите делови од народи…“! Можно ли е толку спротиставени „наративи“, кои сосема се исклучуваат еден со друг, да „коегзистираат“ на толку мал простор? Или тоа е само уште еден облик на шизофреноста на оваа држава?

Сосема поинаква, но само навидум, е шизофрената ситуација во која нашето образование ги доведе последниве недели нашите деца. А таа е пострашна, зашто го поткопува душевното здравје на нашите идни поколенија. Наставниците штрајкуваат за поголема плата, опозицијата ги поддржува и поттикнува, државата вели нема пари, наставата мора да се одржува, правобранителот вели се кршат правата на децата… Некои училишта, наставници и директори (зависно од партиските афинитети) го бојкотираат штрајкот, ги повикуваат децата на настава, а тие не знаат кого да слушаат, синдикатот, МОН, своите наставници или своите родители? На вести слушаат едно, на фејсбук-групите наставниците им велат друго, родителите нешто трето… Прашајте било кој психолог или педагог ќе ви каже колку уништувачки тоа влијае на менталното здравје на учениците, кои се во фаза на развој. Психата на младиот човек тука доживува целосна дезориентација, а последиците се долгорочни. Потоа ќе слушаме плачки за „напуштање на системот на вредности“ и слично. За нешто да напуштиме треба прво да го имаме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот