Една година неработната недела: Граѓаните се дотеруваат во Врање или во Урошевац, а си тераат и шопинг

Фризерски салон/Фото: EPA-EFE/Liselotte Sabroe DENMARK OUT

Законските измени со кои се бараше во недела да работат фризерите, декоратерите на настани, шминкерите, цвеќарите и оние што поправаат апарати за домаќинствата, стојат веќе седум месеци во Собранието, револтиран е Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Северна Македонија

Голем дел од македонските граѓани од пограничните места со Србија и со Косово, во недела купуваат свечена облека, прават фризури и се шминкаат во Врање, Бујановац или Урошевац, а попатно си прават шопинг во тамошните маркети, бидејќи нашите фризерки, шминкерки, козметичарки или шнајдерки, не работат во недела, обелоденува за „Слободен печат“ претседателот на Занаетчиската комора на Северна Македонија, Агрон Фазлији.

Тој е револтиран што пратениците немаат слух за нивните барања да се прошири списокот на дејности што ќе може да работат во недела, а измените на Законот за трговија „чмаат“ во Собранието веќе 7 месеци.

– Се оди ли на свадба, крштевка, сунет или слава во тренерки? И додека на нашите колеги во недела им се затворени дуќаните, профитираат соседите. Граѓаните, од Куманово, на пример, масовно се дотеруваат во Врање, Урошевац или Бујановац, попатно пазарат во нивните маркети и се враќаат дома, а потоа не трошат пари кај домашните занаетчии во текот на работната недела. Законските измени со кои баравме во недела да работат фризерите, декоратерите на настани, шминкерите, цвеќарите и оние што поправаат апарати за домаќинствата, стојат веќе седум месеци во Собранието и никому ништо. Не можам да верувам дека никој не размислува за состојбата во која се наоѓа македонската економија – додава Фазлији.

Претседателот на ЗКСМ вели дека сè поголем број занаетчии алармираат дека неработната недела, значително им ги намалила можностите за остварување профит.

– Една година ќе се стори како не се работи во недела, а некои колеги веќе ставија клуч на врата и со страв се вратија во сивата економија. Не работат ниту оние занаетчии што сами се сопственици и сами работат во својот дуќан, односно немаше можност самиот газда да се пријави и да работи во недела – резигниран е Фазлији.

За голем дел од услужните дејности, неработната недела е голем проблем, бидејќи не можат да ги услужат клиентите и во текот на викенд.

– Речиси цела година не можам да се пријавам дека ќе го отворам дуќанот, а тоа влијае врз прометот – вели една скопска фризерка.

Но од неработната недела не трпат само кројачите и шнајдерите, туку и шминкерите, цвеќарите, козметичарите, молерите, паркетарите, плочкарите…

– Најголемиот дел од граѓаните се слободни за викенд и тогаш по правило имавме најмногу работа. Но, ако почнам да работам во петок, продолжувам во сабота и мора да прекинам во недела. Има работи што не може да се завршат за два дена, тоа е повеќе од јасно. Сега се вративме во „илегала“, ама со голем страв од инспекциите – вели еден паркетар.

Во согласност со законското решение и измената на Законот за работни односи („Сл. весник на РСМ“ бр. 288/21), дозволено им е само на четири занаетчиски дејности да работат, и тоа производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности е забрането да работат во недела. Со тоа што на занаетчиите регистрирани во согласност со Закон за занаетчиство, и тоа пекари, слаткари, фотографи и печатари, не им се дозволува продажба на нивните производи туку само производство, што доведува до уште поголем револт кај занаетчиите.

Занаетчиските комори уште пролетоска се изјаснија дека самостојниот вршител на дејност – занаетчија, не е работник во согласност со Законот за работни односи, бидејќи тие за себе не исплаќаат плата, не исплаќаат регрес за годишен одмор и не експлоатираат работнички труд.

– Ова законско решение само им даде можност на нерегистрираните вршители на дејност да остваруваат поголем промет во недела на штета на бизнисот што е регистриран и редовно плаќа придонеси. Нерегистрираните вршители на дејност (фризери, козметичари, маникир и педикир, молери, паркетари, плочкари), бидејќи никој не ги контролира, си работат од понеделник до недела и остваруваат промет. Пример се цвеќарите, кои не можат да работат во недела, но за разлика од пријавените, регистрираните дуќани, дивите продавачи на цвеќиња во Бутел и на зелените пазари остваруваат најголем промет во недела затоа што тие се во моментов единственото место каде што може да се купи цвеќе во недела – укажаа од Занаетчиската комора на Скопје.

За местење клима се чека повеќе од месец, а за молерисување се прават сè подолги списоци

Доаѓа време кога замена на чешма ќе нè чини и по 100 евра, а веќе подолг период за да ви наместат климатизер, ќе чекате повеќе од еден месец. Состојбата со молерисувањето, менувањето плочки или поставувањето паркет е уште полоша – објаснува Фазлији на прашањето како деновиве да се најде добар мајстор.

– Старите и добри мајстори си заминаа или во пензија или надвор од земјава, а сè повеќе има неискусни лица во браншата. Ќе дојде време кога за водоинсталатерски услуги ќе треба да платите по 100 евра – додава Фазлији.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот