
Еди Рама во Минхен: „Во Европа, без Русите, нѐ има 700 милиони“
Во Минхен во рамки на Конференцијата за безбедност во неделата (16.02) се одржа и Панел за ситуацијата на Балканот и „забрзувањето“ на процесот на проширување на Европската унија. Кои беа главните пораки?
Како ќе изгледа политиката на проширување на ЕУ во иднина во атмосфера на безбедносни и економски ризици со кои моментално се соочува Европа? Дали конечно ќе се постигне значителен напредок во мандатот на новата Комисија во однос на интеграцијата на балканските земји? Кои земји се најблиску до членство во Унијата? И како можат да придонесат за стабилизација на ЕУ?
Препорачано
Ова беа дел од прашањата за кои се разговараше на панелот на кој присуствуваа Марта Кос (еврокомесар за проширување), Еди Рама (премиер на Албанија) и Христијан Мицкоски (премиер на Северна Македонија), а модератор беше Мајда Руге од берлинскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи (ЕФЦР).
Словенечката комесарка Кос нагласи дека денес темпото на пристапување е под влијание на геополитички фактори и дека ситуацијата е променета откако нејзината земја влезе во ЕУ: „Тогаш беше јасно: ако земјата ги исполнува критериумите, таа влегува во ЕУ“. Подоцна стана покомплицирано. А денес е уште покомплицирано поради нарушувачките надворешни сили кои би сакале да пропаднеме“.
ЕУ: Проширувањето не е приоритет
Приоритет не е само проширување, туку пред сѐ обединување на Европа, додаде Кос: „Се враќаме на нашите корени. ЕУ е основана за да ги зачува мирот, слободата, безбедноста и просперитетот. Сега се фокусираме на безбедноста и мирот. Проширувањето може да биде најважниот политички елемент на безбедносните гаранции. Има причина зошто земјите (во регионот, на пример) сакаат да станат дел од ЕУ, а не, да речеме, САД“.
ЕУ го забрзува процесот на проширување, тоа може да се види на примерот на Украина, а Унијата во моментов работи „два или три пати побрзо“ од претходно, додаде Кос. Но, треба да се направи разлика помеѓу техничкиот и политичкиот дел од процесот, забележува таа:
„Што се однесува до техничкиот дел, преговорите со Албанија или Црна Гора би можеле да завршат до крајот на 2026 или 2027 година. Но, има и политички дел, што значи дека ништо не може да се случи против волјата на земјите-членки. Само ЕУ може да ги воведе земјите кандидати во ЕУ, а не САД“.
Крајот на 2026 година звучи амбициозно, но дали е воопшто реален? Албанскиот премиер Рама е скептичен и потсетува дека секогаш кога ќе се погледне во огледало, се сеќава дека сето тоа траеше многу долго: „Кога го започнавме овој процес имав црна коса и уредна брада“.
Прилично „протресена“ Европа
Рама се осврна на главната тема на Минхенската конференција и пораките од САД упатени до Европејците. Шефот на албанската влада смета дека во баварската метропола се случила добра работа, а дека на Европа ѝ требало добро „тресење“.
Рама смета дека промените во ЕУ се случуваат премногу бавно, дека ги има премалку. Тој го гледа Западен Балкан како област на големи можности за западноевропските компании и се залага за најбрз можен пристап на балканските земји до заедничкиот пазар на ЕУ. Почитувањето на сите критериуми треба да биде основа за стекнување право на глас во Европскиот совет, вели Рама, но уште пред тоа треба да се овозможи пристап до заедничкиот пазар на ЕУ, смета тој.
„Без Русите, има 700 милиони луѓе во Европа. Тоа е огромен пазар. Погледнете што се случи во Полска, Чешка, Словачка кога тие дојдоа таму, тие инвестираа многу таму, но и заработија пари, а потоа ја донесоа таа дивиденда во ЕУ“. Европа мора да се промени или ќе умре, рече Рама, цитирајќи го Марио Драги и неговиот извештај за состојбата на Унијата.
Македонскиот премиер Мицкоски на конференцијата во Минхен потсети дека неговата земја на патот кон членство во Европската унија тргна пред Албанија и дека заедно со Хрватска доби кандидатски статус: „А Хрватска е членка на Унијата повеќе од една деценија, таа е во Шенген, го користи еврото како валута. И ние сè уште сме таму каде што бевме пред 15 години. Зошто е тоа така?”
„Жртва на билатерализација“
Мицкоски додаде дека принципот по кој се води ЕУ во процесот на проширување, а според кој напредуваат оние кои напредуваат, е само „бајка“ за Северна Македонија. Тој истакна дека неговата земја е „жртва на билатерализација“ во рамките на ЕУ, односно на фактот дека некои земји можат да го блокираат напредокот на земјите кандидати и да ги уценуваат на тој пат.
„Наместо да ја носиме Европа на Балканот, ние го носиме Балканот во Европа“, рече Мицкоски, осврнувајќи се пред сè на политиката на соседните земји.
На прашањето на лидерот на панелот што ќе направи неговата влада во врска со барањето на Софија да се споменат Бугарите како малцинство во преамбулата на уставот на Северна Македонија, што е предуслов за продолжување на претпристапните преговори, Мицкоски не даде јасен одговор, туку само потсети на историјата на блокадата кон неговата земја и додаде дека и покрај сè, Скопје останува сигурен партнер на ЕУ:
„Променете го името, сменете го знамето, сменете ја валутата. Па што е тоа? Дали е тоа мешање во внатрешните работи на суверена држава? Значи, колку долго ќе страдаме од двојни стандарди?”
„Ги разбираме фрустрациите поради билатералните спорови и поддржуваме решение со кое таквите работи би се одвоиле од процесот на проширување и подготвени сме да помогнеме во тоа“, изјави еврокомесарката Кос: „Време е да се оди напред, не само за прашањето за Северна Македонија, туку и за Босна и Херцеговина, за да се подобри дијалогот меѓу Белград и Приштина. Кога треба да го направиме тоа ако не сега, кога е очигледно зошто треба?
„Парадоксот за кој никој не зборува“
Еден дел од панелот беше посветен на актуелната безбедносна и економска ситуација во Европската унија и можните ефекти од американското повлекување од Европа – ако тоа навистина се случи. Во овој контекст, албанскиот премиер Рама зборуваше за, како што рече, „парадокс“ за кој, според него, никој не зборува.
„Сега сите велат дека треба да ги зголемиме инвестициите во одбраната, ни треба ова, ни треба она околу одбраната. Во ред, добро. Но, каде е одговорот на прашањето: како ќе го финансираме? Другите големи играчи кои инвестираат во војската имаат солидни стапки на економски раст. Европа ги нема. Каде ќе ги најдеме парите што ни требаат?“, се запраша Рама.
Според него, клучот за сè е дека ЕУ мора повторно да биде конкурентна. ЕУ секако мора да биде воено посилна, но мора да биде и економски посилна, рече Рама, критикувајќи ја комплицираната регулатива на ЕУ: „Америка ја измисли вештачката интелигенција, Кина ја копираше, а Европа ја регулираше иако воопшто ја нема”.
Во текот на 45-минутниот панел, учесниците не се осврнаа на актуелната ситуација во Србија, односно студентските блокади и протести кои се проширија низ целата земја, ниту на можните сценарија како навистина ќе изгледа безбедносната ситуација во регионот доколку САД, како највлијателна политичка сила во регионот, се повлечат.
Јакнење на влијанието на Русија?
Дали тоа автоматски значи и зајакнување на влијанието на Русија на Балканот? Тоа прашање го поставивме на маргините на конференцијата во Минхен, меѓу другото, и на Армин Лашет, поранешниот кандидат за канцелар на ЦДУ.
„Не, не ја гледам таа опасност. На Балканот има многу сили кои сакаат да влезат во Европската Унија, кон Запад, во Европа. Станува збор и за членките на НАТО. Но, вистина е и дека треба да се погрижиме за влијанието на Русија да не стане преголемо, а тоа најдобро се прави преку понуди за соработка, односно преку соработка со Европската Унија“, вели Лашет за ДВ.
Извор: Дојче веле/ Автор: Среќко Матиќ