Џијан Емин реагира: Филхармонија не го прифаќа Биг бендот на ЗЏМ

Фото: Фејсбук/Џијан Емин/Здружение На Џез Музичари и Слободни Уметници

По иницијатива на Здружението на џез музичари и слободни уметници, Владата неодамна донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје, чија основна дејност е подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови.

Неколку дена подоцна Владата донесе одлука новоформирната национална установа „Оркестар за џез музика“ просторно да биде сместена во објектот на Национална филхармонија, а по потреба да го користи и музичко-сценскиот простор на Национална опера и балет.

Сепак работите не можат да се придвижат без пречки на патот, кои во овој случај доаѓаат од вработените во НУ Македонска филхармонија. Сместувањето на новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонија е несоодветно и ќе направи повеќе штета, отколку полза, реагираат вработените во писмо испратено до медиумите.

Вкупно 108 вработени во Филхармонија потпишале петиција која освен до меидумите, ја испратиле и до министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и премиерот Димитар Ковачевски со цел промена на одлуката за вдомување на Џез оркестарот во просториите на Филхармонија.

Матичниот диригент на ЗЏМ Биг бенд, Џијан Емин во емисијата „Македонија наутро“ на МТВ изјави дека членовите на оркестарот се затекнати и вчудоневидени од реакцијата на голем дел од нивните пријатели, колеги и соработници од Филхармонија. Тој вели дека е особено изненаден од наративот кој доаѓа од Филхармонија, а се сведува на „не може, не сакаме и нема“. Во неколку неформални и формални разговори со вработените од Филхармонија тие не стигнале до сериозен аргумент кој би го оправдал ваквиот нивни став.

Покрај огромната поддршка и искрена радост на јавноста по повод одлуката на Владата на РСМ за официјализирање на „Оркестар за џез музика“ , ваквиот став на вработените во Филхармонија предизвика револт кај членовите на ЗЏМ Биг бенд. Џијан Емин својот став по ова прашање го искажа на својот инстаграм- профил со следната објава:

„Во интерес на реалното информирање, директорот на Филхармонија, управниот одбор, концерт-мајсторите, водачите на групите, оркестарот, билетарките, нототекарките, правниците, сметководството, маркетинг служба, техничка служба; се радуваат и гордеат со концерти од типот на Божо Вречa, ‘Црвена јабука’ и настани како овој на видеото (сцена од претставата ‘Лепа Брена проект’) без срам со закана за штрајк, кажуваат дека не може и нема Биг бендот на ЗЏМ да работи во филхармонија, затоа што тие така сакаат. Јас не се согласувам со ова, вие почитувани граѓани?“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dzijan Emin (@dzijanemin)

Здружението на џез музичари во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот