Џафери на чекор до технички премиер, Митрески е новиот спикер

Пендаровски и Џафери/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Мандатарот Талат Џафери утре ќе ја достави до Собранието предлог-програмата и кадровските решенија за техничката влада, в недела треба да се одржи собраниската седница на која ќе биде избрана владата, замениците и дополнителните заменици министри, како и новиот пратеник кој ќе дојде на местото на Џафери.

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска му го врачи на Талат Џафери мандатот за состав на техничката влада, мандатарот пак, утре ќе ги достави до Собранието програмата и составот на кабинетот, а в недела Македонија треба да добие техничка влада, трета од потпишувањето на Пржинскиот договор. Собранието експресно ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски, по што целата влада е во оставка, како и оставката на Џафери од функцијата претседател на Собранието. За нов спикер владејачкото мнозинство го избра Јован Митрески, досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ, по што следеше и примопредавање на функцијата помеѓу Џафери и Митрески.

Оставките на Ковачевски и на Џафери, констатирани од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги проследи со бурни аплаузи. Ковачевски и Џафери не го искористија правото да ги образложат оставките. Во пленарната сала не беа присутни пратениците од албанската опозиција која го бојкотира Собранието, а Џафери во својство на „обичен“ пратеник, седна меѓу колегите и сопартијци, односно до лидерот на ДУИ и пратеник Али Ахмети.

Собрание/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ предложи Митрески да биде избран за нов претседател на Собранието. Во образложението тој рече дека самиот факт што зад Митрески застанале пратеници од најголемиот број парламентарни партии доволно зборува не само за кохезивниот потенцијал што го има тој, туку и за довербата што пратениците ја имаат во него и во неговото искуство да ја преземе оваа функција без никаков проблем.

– Таа доверба сите ние ја стекнавме соработувајќи со Митрески во изминатите години. Го знаеме како пратеник и координатор, но и како професионална, одговрна и исполнителна личност. Уверен сум дека и Собранието предводено од него и идната влада на чело со Талат Џафери, водени од демократските принципи ќе ги продолжат и ќе ги унапредат процесите кои беа почнати изминатиот период и уште повеќе ќе го зацврстат европскиот пат на нашата држава, пат за кој нема алтернатива. Цврсто сум убеден дека оваа одлучност да се обезбедат подобар стандард и побезбедна иднина на нашите граѓани, да се обезбедат европски услови тука во нашата држава а развој на младите, граѓаните ќе ги препознаат и ќе ги вреднуваат на следните претседателски и парламентарни избори – рече Костовски.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, го испофали Џафери, а не штедеше зборови говорејќи дека и Митрески ќе биде успешен претседател на Собранието.

– За Џафери нема да биде нескромно да кажам дека одбележа посебна ера во работата на законодавниот дом, чија главна одлика беше унапредување на демократијата, јакнење на одговорноста, отчетноста и транспарентноста на Собранието. Јован Митрески е најдобриот избор доколку сакаме да продолжиме по патот кој го трасиравме изминатите седум години. Ги поседува вредностите со кои ќе се обезбеди демократски напредок на Собранието – рече Адеми.

Тој додаде дека со изборот на техничката влада влегуваме во процес во кој ќе треба да се спроведат изборите и дека им е обврска во наредниот период да создададат услови за фер и демократски изборен процес.

– Искрено верувам дека со секој нов ден ќе се зголемува бројот на пратеници, политичари и граѓани кои ќе работат и ќе ги поддржуваат политиките кои не придвижуваат кон ЕУ, бидејќи друг избор немаме. Токму затоа денеска од оваа говорница, имајќи ја визијата за европска и демократска РСМ и визијата за законодавен дом кој ќе ги продолжи овие процес, ве поканувам да го поддржиме предлогот Јован Митрески да биде избран за нов претседател – рече Адеми.

Наспроти нив, пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаа против. Митрески на новата функција беше избран со 64 гласа „за“ и 40 против.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека денес е голем ден во кој оваа власт продолжува полека, но сигурно, дел по дел, функционер по фунцкионер да се руши како кула од карти.

– Денешната седница е продолжение на неславниот крај на оваа власт која изминатите седум години ја уништи државата, ги урниса и ги приватизираше институциите, ги осиромаши граѓаните, ја клекна македонската економија на колена, накратко кажано создаде девастиран и нефункционален државен систем кој секојдневно гледаме дека пука по сите рабови. Денес можеме само да зборуваме за законодавен дом што е непресушен извор на преседани, скандали, деловнички прекршувања и непочитувања, самоволие и парламентарно насилие. Ова веќе не наликува на законодавен, туку на дом на меѓупартиски и меѓукоалициски пазари и договори на штета на граѓаните. Слободно можам да кажам дека во овој мандат, што ги брои последните денови, видовме се и сешто, но не видовме европско Собрание кое што треба да биде цврст столб на една европска држава со европска демократија – рече Мицевски.

Тој додаде дека белег на Собранието, раководено од СДСМ и од ДУИ, се преседаните, односно дека е погазен Деловникот, прекршен етичкиот кодекс и Уставот.

– За првпат во историјата на ова Собрание, се соочивме со ситуација да ги заклучи вратите на пленарната сала и со тоа да го ограничи правото на слободно движење на пратениците, само поради тоа што парламентарното мнозинство не можеше да си обезбеди кворум за работа и за гласање на нивните закони. За прв пат опозициски пратеник доби судска пресуда за изкажан збор од собраниска говорница, се воспостави праксата на криење амандмани во фиока, односно нивно отфрлање, без притоа да има оправдано образложение. За многу важни државни и национални прашања ние како народни претставници добивавме нецелосни и половични информации, додека вистинските документи и информации се криеја и од нас и од очите на целата македонска јавност. За жал, бевме сведоци и на обиди за физички пресметки, за кои, за да биде срамот уште поголем, немаше никаква одговорност и разрешница – рече Мицевски и додаде дека како никогаш досега работата на Собранието не била толку критикувана и од Европската комисија и од сите релевантни меѓународни институции, невладини организации и од јавноста.

По изборот на Митрески за престедател на Собранието тој положи заклетва и од претседателското место изрази благодарност за поддршката и за довербата што ја добил. Тој му се заблагодари и на досегашниот престедател на Собранието Џафери за успешното менаџирање со парламентот.

Јован Митрески/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

– Изборот на функцијата претседател е голема чест, но одговорноста е уште поголема. Ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, Деловникот, со законската регулатива и пред се во интерес на граѓаните и на државата. Верувам дека заеднички ќе продолжиме да ја јакнеме демократијата, бидејќи за млади демократии како нашата тоа е важно да го правиме секој ден. Останувам отворен за соработка со сите пратенички групи се додека гледам, мислам и чувствувам дека тоа што се прави од спротивната страна е во интерес на граѓаните и државата – рече новиот спикер.

Мандатарот Талат Џафери утреа ќе ја достави до Собранието предлог-програмата и кадровските решенија за техничката влада, в недела треба да се одржи собраниската седница на која ќе биде избрана владата, замениците и дополнителните заменици министри, како и новиот пратеник кој ќе дојде на местото на Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот