Две локални „Јуроп хаус“ во Крива Паланка и во Струмица прославија две години од основањето

Прослава на вториот роденден во „Јуроп хаус“ - Струмица

Локалните европски културни центри „Јуроп хаус“ во Крива Паланка и во Струмица, основани под патронат на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, на 16 и на 20 февруари прославија две години од основањето.

На 16 февруари 2023 година, во „Јуроп хаус“ (Europe House) Крива Паланка престојуваше Џулијан Васало, вршител на должноста амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, кој ја отвори роденденската програма која беше посветена на филмот.

Заедно со режисерката Дина Дума официјално ја отворија Европската недела на филмот со проекција на дебитантскиот игран филм на Дума „Сестринство“ (2021). На отворањето, на Дина Дума ѝ беше врачена и наградата Европска жена на годината – номинација што ја доби од Делегацијата на Европската Унија во 2022 година.

Во текот на оваа седмица на роденденски активности, филмот ќе се прикажува во Крива Паланка, Куманово, Кратово, Липково и во Ранковце. Во рамките на Европската недела на филмот, исто така, ќе се организираат креативни работилници за деца и дебати со млади луѓе.

На режисерката Дина Дума во Крива Паланка ѝ беше врачена наградата Европска жена на годината

На 20 февруари 2023 година, Штефен Худолин, вршител на должност во Делегацијата на Европската Унија ја посети „Јуроп хаус“ Струмица, каде младите поставија „Дигитален ѕид на желбите“. Тие му ги претставија на Худолин вештините што би сакале да ги стекнат во 2023 година, која е Европска година на вештини.

Роденденот се случува непосредно пред Струмичкиот карневал, па оттука и роденденската програма ја спојува традицијата на рачно изработени маски со младинските вештини. Младите од Струмица, Босилово, Василево, Ново Село и Валандово и Младите европски амбасадори се сретнаа во галеријата во Струмица на изложба на карневалски маски и на настан за вмрежување за да дискутираат за начините на кои луѓето и компаниите можат да придонесат кон зелената и дигиталната транзиција, поддржувајќи ги иновациите и конкурентноста.

Во текот на еднонеделната роденденска програма ќе бидат организирани серија работилници, меѓу другото и за културното наследство во изработката на карневалските маски, како и за печење, угостителство и уметност.

Од отворањето во 2021 година, двете „Јуроп хаус“ нудат квалитетни содржини за младите и работат како локални „места за новата генерација“ од Североисточниот и Југоисточниот регион на Северна Македонија. Четири нови „Јуроп хаус“ – во Битола, Велес, Тетово и Струга, ќе бидат отворени во текот на 2023 година, со што ќе се збогати оваа културна мрежа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот