Дваесет отсто за митинг и маркетинг?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Законското усогласување што треба да го надмине процентот од четири отсто во претходната година досега не е постигнато, но не смее бегло да се помине преку годинашново усогласување според трошоците за живот што е првпат со највисока стапка од 2,9 отсто.

По донесувањето одлука за најниска плата од 18.000 денари во Македонија, за да се избегне уравниловка и застој во производството и развојот на општеството, синдикатите поставија нови барања за порамнување и скалесто зголемување на сите лични примања. Но тоа „што би било, кога би било“, го препуштам на експертите и аналитичарите, а мене најмногу ме заинтригира проблемот со растот и порастот на пензиите. Законското усогласување што е регулирано и врзано со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 37 – во сила од 2020 година) и со порастот на бруто-домашниот производ што треба да го надмине процентот од четири отсто во претходната година, досега не е постигнато и во овие околности на економска криза речиси никогаш нема да биде остварено?! Сепак, не смее бегло да се помине преку годинашново усогласување според порастот на трошоците за живот (инфлацијата), што е првпат со највисока стапка од 2,9 отсто од донесувањето на измените во Законот.

Откога се најави оваа новина, кај најодговорните за пензионерска проблематика, а посебно помеѓу Партијата на пензионери (ПП) и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) се појави ривалство во прикажување на заслугите и придонесот во подобрувањето на стандардот и квалитетот на животот на припадниците на највозрасната популација. Непотребно и неосновано се пристапи кон повторувања на програмските определби што и досега сме ги слушале без нешто конкретно да се оствари, иако навистина мошне привлечно звучеше нивното искажување за наше залажување?!

За потсетување, со извесно повторување, ќе издвојам некои поинтересни сегменти и нерешени предмети. СЗПМ, на пример, повеќе од 8 години форсира некаков Закон за пензионерско организирање и не сака да согледа дека таква регулатива не може да помине во Собранието бидејќи не е потребна, а и ништо добро (освен комодитет за потесното раководство) не нуди и не носи. Ништо не е обновено и направено за проширување на капацитетите во домовите за стари лица, иако ова прашање постојано е на приоритетна листа. Можеби е оправдано нивното фалење за проширување на работните простории и давањето трајно решение за користење (верувам по заслуга за клиентелизам кон власта) од Фондот на ПИОМ, но, зарем навистина таква ширина му е потребна на раководството на СЗПМ, кога персоналот и досегашниот простор не знае како да го пополни, или пак секој таму ангажиран сака на две столици да седи за по две канцеларии да завреди?! Тие мегаломани двапати без согласност на пензионерите значително го зголемија одвојувањето за солидарен фонд и посмртна помош, наместо времено да ја намалат членарината и надоместоците на ангажираните лица, кои во пандемиски услови многу помалку работат, а и активностите им се редуцирани?!

Информирањето, пак, во СЗПМ е посебна приказна која не може веднаш, во еден здив, да се раскаже, туку само да се каже дека стапка по стапка назадува и во место тапка. Освен клиширано препишување, известување и рекламирање за сопствено подмирување, во весникот нема никакво инвентивно остварување. Навистина е за жал што има голем дописнички потенцијал! Но, во прашање е себичност и нестручност, самобендисаност на одговорните, а да не зборуваме за вмреженоста во непотизам, полтронизам, лигавизам и посвоизам што води кон назадизам?!

Туку, чија „прчија“ е весникот, па некој да забранува некому да пишува за пензионерската проблематика?! Ако не е неодговорно, тогаш е жалосно поранешниот претседател на Сојузот и основач на весникот „Пензионер плус“ да нема пристап до него како „најдобар“ новинар, публицист и експерт за трета доба?! Тој најдобро може да кажува и раскажува за пензионерите, да ги „учи и подучува неучените“?! Или, пак, можеби во него е причината, зашто им е лут за укинувањето на прилогот „Пензионерски видици“ во „Нова Македонија“ и занемарувањето на неговите светогледи за развојот на пензионерската организација?! Ако не е главната во СЗПМ во прашање, гневот на основачот можеше да го сфати неговата поранешна и сега „реинкарнирана ордонантка“. И така, приказната за информирањето во след може да оди до недоглед…

За „вина“ на вистината, повеќе ми се допаѓаат ветувањата на лидерот на Партијата на пензионери, кој се надева дека брзо ќе уследат законски измени за поголем раст на пензиите, за вонредна финансиска помош и зголемување на лимитот за ослободување на пензионерите од партиципација за болничко лекување, за субвенции во домови за стари лица и исполнување на  многу други барања што ги „остварува“ Партијата во преговорите со Владата?!

Сепак, пензионерите најмногу се радуваат на ветувањето од најголемата опозициска партија, која во Собранието на Македонија достави предлог за итни законски измени според кои од април годинава треба да се покачат пензиите за 20 проценти. Во образложението се наведува дека цените секојдневно се зголемуваат и секој пензионер има право да живее пристојно, да има доволно средства да ги подмири основните трошоци за храна, греење, лекови и за други потреби.

Но, се ми наликува на предизборен митинг и маркетинг. Сега секој им се потпикнува на пензионерите, небаре се тие недоветни и нема да запаметат кој што кажува, што ветува или ги залажува?! Со години се собира и складира ваквата меморика. Таа запаметена реторика брзо ќе се примени во практика. Па, изборите нека почнат?!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот