Државната химна стигна и во училиштата во Бутел, во Аеродром сѐ поретко се слуша

Фото: О(пштина Бутел

Се чини дека практиката на Муцунски, која предизвика големи дискусии по социјалните мрежи меѓу поддржувачите на оваа идеја и оние кои сметаа дека со слушање на химната не се развива љубовта кон татковината, не траеше долго, затоа што според информации од родители на ученици, во некои училишта од почетокот на второтото полугодие воопшто не била пуштана.

Македонската химна, која од октомври минатата година започна да се интонира секој понеделник пред почетокот на наставата во основните училишта во Аеродром и во Гази Баба, ќе ја слушаат и учениците во општина Бутел. Разликата е што таму тоа нема да се прави секој понеделник туку на почетокот на секој нов месец.

Како што информира градоначалникот Дарко Костовски, учениците ќе оддаваат почит на знамето, слушајќи ја химната. Но, тоа треба да го прават на креативен начин, секојпат различно. Целта е иста како и во двете други општини, да се гради националното чувство кај младите.

Градењето национално чувство е одговорност на секој од нас. Новите генерации на посебен начин покажуваат интерес за Македонија. На моја лична иницијатива, основните училишта во општина Бутел на почетокот од секој месец ќе оддаваат почит на македонското знаме, паралелно слушајќи ја македонската национална химна. Ќе оставам простор учениците заедно со нивните наставници да бидат креативни и иновативни за секој пат на различен начин да покажуваат почит за македонските национални симболи и секако за македонската држава – информира градоначалникот Дарко Костовски.

Практиката да се интонира химната пред учениците започна во Аеродром, поточно таму продолжи „традицијата“ која ја започна поранешниот градоначалник Ивица Конески, а беше прекината во мандатот на Златко Марин. Почитта и љубовта кон татковината се градат од најмала возраст објасни актуелниот градоначалник Тимчо Муцунски, враќајќи ја химната меѓу учениците.

Но, се чини дека „новитетот“ на Муцунски, кој предизвика големи дискусии по социјалните мрежи меѓу поддржувачите на оваа идеја и оние кои сметаа дека со интонирање на химна не се развива љубовта кон татковината, не траеше долго. Според информации од родители на ученици во основното училиште „Гоце Делчев“ во Лисиче, децата ја слушале химната само неколку недели, а од почетокот на второтото полугодие воопшто не им била пуштана.

И учениците од Гази Баба секој понеделник ќе ја слушаат химната, одлуката е задолжителна за сите општински училишта

Сепак, набрзо по примерот на Аеродром тргна и општина Гази Баба, откако општинскиот Совет изгласа ваква одлука.

Нашата цел е да создадеме навика кај децата од најмали нозе да имаат почит и љубов кон својата татковина. Химната и знамето на нашата Македонија се нераскинлив дел од нашиот повеќевековен идентитет и тие ја заслужуваат нашата должна почит – соопшти градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Иако се очекуваше државната химна да ја слушаат пред наставата и учениците од општините Ѓорче Петров и Кисела Вода, со кои раководат градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, досега тоа не се случи.

Наместо учениците, исправени и мирно стојат советниците: Со химна започнуваат седниците во Карпош

Токму советниците од оваа партија поведоа такви иницијативи во некои од општинските совети, како на пример во општина Карпош. Таму, иако Советот двапати ја изгласуваше одлуката во основните училишта секој понеделник наставата да започнува со слушање на химната, градоначалникот Стевчо Јакимовски не ги потпиша одлуките за да почне изгласаното да се применува. Па така, наместо учениците сега советниците пред почетокот на седниците исправени го слушаат интонирањето на државната химна. Според некои од советниците, Јакимовски им рекол дека ако сакаат тоа да им го наметнат на учениците, треба да почнат од себе. И така започнало сѐ, иако Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Македонија точно прецизира во кои пригоди се интонира химната, а тоа не е на секоја редовна седница на Советот.

Интересен е и примерот со општина Центар, каде иако не е воведена пракса за интонирање на химната во училиштата, сепак родителите на учениците на анонимна анкета требаа да одговорат дали се за или против тоа. На нашите прашања од Центар не одговорија конкретно од каде потекнала ваквата идеја, туку соопштија дека секогаш работат во интерес на граѓаните, па сакаат да го слушнат нивното мислење и за ова прашање. Според неофицијалните информации, мнозинството родители во центарските училишта се изјасниле за интонирање на химната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот