Државата посериозно да се погрижи за повратниците од Блискиот Исток

Досие Кога се враќаат „борците“, државата треба да инсистира со нивниот прием да им биде доставено и досие за нивните активности во странската земја, смета пратеникот Павле Трајанов.

Во Авганистан повторно ќе биде критично, талибанците се на терен и ќе регрутираат радикални структури и од Европа и од Балканот. Тие се потенцијална опасност за безбедноста. Прифатот на борците наши сограѓани од воените жаришта и нивната ресоцијализација треба да бидат организирани и да се дејствува превентивно. Најважно е да се спречи нивно групирање, во затворите и надвор од нив, бидејќи тие поединечно не може да направат ништо.

Ова за „Слободен печат“ го изјави Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, актуелен пратеник. Тој смета дека кога се враќаат „борците“ од Блискиот Исток, државата треба да инсистира со нивниот прием да им се достави и досие за нивните активности.

Пред два дена, 23 наши сограѓани, репатријанти во војните во Сирија и во Ирак, беа вратени. Четворица мажи се обвинети за учество во војни во странство и се испратени во Истражниот затвор „Шутка“ во Скопје. Тие ќе останат во самица 10 дена, а уште пет жени и 14 деца што се донесени заедно со нив од боиштата, ќе останат 14 дена во задолжителен карантин поради пандемијата.

– За борците на Исламска држава – членови на терористички организации, нашите служби треба да инсистираат да имаат и документи кога се враќаат. Ако се сторители на кривични дела и слично, да сносат одговорност според нашите закони. Другиот процес е ресоцијализација и рехабилитација. Треба да се води сметка и каков третман ќе имаат во затворите, а ако нема елементи на одговорност, да се интегрираат во општеството. За таа цел треба да се вклучат системот на образование, политичките партии, влијателни луѓе, верски заедници… – изјави Трајанов за „Слободен печат“.

Универзитетскиот професор по кривично право Митасин Беќири смета дека повратниците од Сирија не се потенцијална закана за државата.

– Тие и другите што размислуваат како нив може да се обидат да го повторат делото, но ќе наидат на отпор на домашните и на меѓународните правни прописи. Прво, органите за прогон мора да ја завршат својата работа, а потоа кога казната ќе стане конечна, казнено-поправните установи мора да се справат со нив во нивната ресоцијализација и рехабилитација. Со таквите лица треба да се занимаваат ИВЗ, локалната и централна власт. Изречената казна треба да има дводимензионален ефект, од реститутивен и ретрибутивен карактер. Што значи тоа? Оние што ја издржуваат казната да не го повторат делото, а другите да бидат едуцирани дека доколку направат кривично дело, ќе се соочат со последиците од домашната и меѓународната регулатива – изјави Беќири за „Слободен печат“.

Од почетокот на војната во Сирија до денес, околу 100 граѓани на Северна Македонија, кои беа дел од вооружени групи на Блискиот Исток, се вратија во земјава. Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), меѓу повратниците има и жени и малолетно дете. Во текот на 2020 година четворица се вратени од боиштата на Блискиот Исток. Нема податоци за 2019 година, додека во текот на 2018 година беа вратени 7 лица. Од септември 2020 година до денес се регистрирани 150 граѓани кои учествуваат во воените дејства на Блискиот Исток, 100 од нив се вратени, а околу 40 ги загубиле животите.

Досега осудени 13 лица

Според податоците на граѓанскиот концепт „Нексус“ и Институтот за човекови права, во Македонија во моментов има 13 осуденици за вакви дела на издржување затворска казна. Само тројца од нив не биле на фронтот во Сирија или Ирак, но биле осудени за регрутирање, финансирање и овозможување на заминување на борци доброволци.

„Главните причини за нивното заминување се економски, овие семејства имаа многу скромни финансиски приходи или добиваат социјална помош. Втора причина е нискиот профил на образование, а мотив може да бидат и нивните лични кризи. Во делот на групните фактори спаѓаат чувството на припадност кон одредена група, така што тие се солидаризираат со луѓето што се таму и што им се случува“, пишува во анализата на „Нексус“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот