Дополнителни 25 милиони денари за екологија и здравство

Министерство за финансии/ Фото Архива на СП

Владата го усвои дополнетиот ребаланс на буџетот за 2022 година, со кој се обезбедени дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата.
„Со нив, меѓу другото, трајно се решава проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и во Неготино, за прочистување на коритото на реките Вардар и Треска, за реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за културниот дом Чегране и друго“, соопшти Министерството за финансии.

Според предлогот на ресорното Министерство за финансии (МФ), ќе има зголемување за одредени буџетски корисници, но и кратења на некои трошоци на државата. „Ребалансот на Буџетот е одговор на кризата, односно се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите до крајот на годината, во услови на продолжена енергетска и ценовна криза“, соопшти МФ.

Дополнетиот ребаланс повторно се враќа во Собранието, каде се очекува да биде закажана седница. Според најавите, пакетот антикризни мерки ќе биде предложен по усвојување на ребалансот. Владата најави нова помош за граѓаните погодени од поскапувањето на основите прехранбени продукти и енергенсите.
Со измените и дополнувањата на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки (2,9 отсто) во однос на почетните проекции. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9 отсто, односно за 16 милијарди денари повеќе. Дефицитот се планира да биде 42,7 милијарди денари, односно 5,3 отсто од БДП.

Ребалансот предвидува 19 милијарди денари за поддршка на граѓаните и економијата: 4,7 милијарди за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди за земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди за гарантиран минимален приход. Повеќе пари се предвидени за пензии, за образованието и детската заштита, за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари за реконструкции и модернизации со опрема во јавните здравствени установи, во образованието, детската и социјалната заштита, патната, железничката и комуналната инфраструктура, одбраната и безбедноста, хидросистемите, водоснабдителните и канализациски системи и друга водостопанска инфраструктура.

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот