Домаќинствата што не штедат струја од 1 јануари ќе плаќаат уште повеќе

Далновод / Фото: EPA

За разлика од пред десетина дена, кога министерот Бектеши потенцираше дека цената на струјата за домаќинствата нема да се зголеми, сега рече: „Се прават калкулациите и од 1 јануари не се предвидува да има значително зголемување на цената на струјата за домаќинствата“

Бројките покажуваат дека потрошувачката на електрична енергија кај домаќинствата и кај државните институции е значително намалена, информираше министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашната прес-конференција.

За разлика од пред десетина дена, кога потенцираше дека цената на струјата за домаќинствата нема да се зголеми, сега рече: „Се прават калкулациите и од 1 јануари не се предвидува да има значително зголемување на цената на струјата за домаќинствата“.

Тој појасни дека сè уште се прават калкулациите и се испитува во која од четирите блок-тарифи ќе се интервенира и за колку.

– Ќе провериме во која блок-тарифа ќе има потреба повеќе да се интервенира – дали тоа ќе биде втората, или третата блок-тарифа, а за четвртата јас уште од сега ќе кажам дека ќе бидам на страната на зголемувањето ако има потреба, а со цел да бидат покриени оние што штедат од страна на оние што нерационално трошат и кои може да го платат тоа.

Бектеши  најави дека за малите потрошувачи, а тоа се околу 73.000 компании и институции што се на регулираниот пазар, цената на струјата ќе се намали.

– Убеден сум дека ќе има намалување на цената за малите потрошувачи, тоа веќе е одлучено! – дециден е министерот.

Од 1.000 големи фирми само 300 се пријавиле за поевтината струја

Бектеши ги повика и големите компании што се на слободен пазар да склучат договори со ЕСМ за обезбедената поевтина струја од берзанската и напомена дека во согласност со заштедите, цените на храната мора да се намалат, а ако не се случи тоа, ќе има мерки.

– До 23 ноември е продолжен рокот од страна АД ЕСМ. Околу 1.000 компании тоа можат да го направат во согласност со податоците од Централен регистар во делот на нивната регистрација со шифра на дејност кои се предвидени во одлуката. До пред два-три дена нивниот број беше околу 300 компании што веќе доставиле апликација. Ги повикувам сите компании да ја искористат можноста поради тоа што од 1 декември и во делот на трговијата ќе следуваат дополнителни мерки. За тие што нема да ги намалат цените, се знае што следува – рече Бектеши.

Министерствата заштедиле 33 проценти

Сите министерства заштедиле 33 проценти струја, а со заштедите на сите државни институции, вкупните направени заштеди биле 24 проценти. Ова е охрабрувачки податок, потенцираше министерот Бектеши.

– Сите институции во октомври имаат најмалку за 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија што е според препораките и задолженијата што ги донесе Владата. Притоа најмала заштеда има кај Министерството за здравство од 18 отсто, а најголема заштеда има зградата на Министерство за образование до 58 отсто. Заштедата на електрична енергија на Владата изнесува 32 отсто, кај Собранието заштедата во октомври е 22, кај Кабинетот на претседателот на државата 24, кај административната зграда на ЕСМ заштедата е 25, а кај МЕПСО 22 отсто – рече Бектеши.

Од министерствата, најмала заштеда има кај Министерството за образование 24 отсто, а најголема заштеда има постигнато Министерството за животна средина од 94 отсто.

 Арачиново потрошило 5 пати повеќе струја од лани

Три општини во државава, во време на енергетска криза, трошеле повеќе струја од лани. Зголемување на потрошената струја во октомври годинава, во однос на истиот месец лани, имало во Арачиново за 474 проценти, што значи дека потрошувачката е речиси 5 пати поголема. Во Студеничани зголемувањето е 11 проценти, а во Лозово е 12 проценти.

– Од 81 општина, 65 општини во октомври постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, од нив 12 општини постигнале заштеда поголема од 50 проценти. Шеснаесет општини не успеале да заштедат повеќе од 15%, а само три имале поголема потрошувачка во 2022 година – рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција

На новинарско прашање дали ќе има казни за тие што не штеделе струја, тој рече дека за општините има само препорака за заштеда на струја од само 15 проценти, потенцирајќи дека има поделеност меѓу централната и локалната власт.

Најмногу заштеди имала Општина Новаци – 76 проценти, Општина Штип – 72 проценти и Општина Сопиште – 70 проценти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот