Долга е листата на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата, СДСМ се дума за заеднички кандидат

Кај ВМРО-ДПМНЕ се споменуваат Гордана Силјановска Давкова, Зоран Ставревски, Ганка Самоиловска Цветанова, Весна Јаневска, Марјан Ѓорчев, Влатко Ѓорчев, Никола Јанкуловски, Срѓан Керим, Анета Пешева, Александар Спасеновски, Антонијо Милошоски, Александар Николоски, Сашко Кедев…

На половина година пред претседателските избори партиите не ги откриваат своите адути за шеф на државата, иако веќе наголемо во партиските штабови се мерат рејтинзите и на партиски функционери, но и на натпартиски лица за фотелјата на вила Водно. Главната битка за престижната функција, очекувано ќе ја водат власта и опозицијата, но уште е нејасно дали наспроти кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде кандидат на СДСМ и коалицијата, или пак, кандидат од европскиот фронт, што ќе значи поддршка од сите партии од актуелната власт, но и пошироко.
Партиите допрва ќе го договараат тајмингот на гласањето, бидејќи е извесно дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат редовни.

– Во однос на изборите имаме јасен став и тој е апсолвиран – дека ќе бидат редовни. Во однос на тајмингот, тоа е нешто за што може да се разговара. Во однос на тоа во кој месец ќе бидат, тоа е во согласност со роковите во Собранието и тука треба да седнат претставници на политичките партии на работно ниво кои ќе разговараат за деталите. Претседателот на Собранието веќе одржа координација со претставниците на сите пратенички групи и ги информираше за датумите кога би можеле да се случат изборите – порача вчера премиерот Димитар Ковачевски.

Мицкоски: Половина од нашите кандидати самите побараа да ги поддржиме

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веќе обелодени дека се мерат рејтинзите на нивните 22 кандидати за претседател на државата и дека допрва ќе се кристализира со кој кандидат опозицијата ќе ја бара довербата од граѓаните. Според него, половина од нив самите изразиле желба да бидат поддржани од ВМРО-ДПМНЕ. Официјално од партијата не откриваат кој сè е во трка за кандидатура за претседател на државата. Неофицијално, рејтинзите се мерат за пратеничката и екскандидатка за шеф на државата Гордана Силјановска Давкова, која засега најдобро котира. За можен претседателски кандидат, пулсот се мери и за поранешниот вицепремиер за финансии Зоран Ставревски, но и за експратеничките Ганка Самоиловска Цветанова и Весна Јаневска. Меѓу потенцијалните кандидати се и поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев и експратеникот Влатко Ѓорчев. На списокот се и поранешниот ректор Никола Јанкуловски, поранешниот министер за надворешни работи Срѓан Керим, потоа Анета Пешева, почесен конзул на Канада во Македонија и претседател на МАСИТ, универзитетскиот професор Александар Спасеновски, но и актуелните пратеници Антонијо Милошоски и Александар Николоски. Во игра бил и кардиологот и поранешен претседателски кандидат Сашко Кедев, но откако тој јавно изјави дека не се враќа во политиката, партијата не смета на него.

Од таборот на СДСМ и коалицијата е помалку јасно кој ќе ја трча претседателската трка. Прво затоа што актуелниот претседател Стево Пендаровски не се изјаснил дали ќе оди на втор мандат, односнои дали СДСМ ќе застане зад него, второ – дали СДСМ и коалицијата ќе одат со свој кандидат или, пак, власта ќе истрча со заеднички кандидат како „Фронт за Европа“ што ќе значи дека тој кандидат ќе ја има поддршката и од партиите на Албанците во Владата ДУИ, Алијанса за Албанците и ДПА, но и новата партија на Аријанит Хоџа. И трето, ако нема договор за заеднички кандидат, тогаш ДУИ во изборната трка може да влезе со свој кандидат или со заеднички кандидат со Алијанса за Албанците и со ДПА, бидејќи албанскиот опозициски блок Демократско движење, Беса и Алтернатива веќе најави дека ќе имаат претседателски кандидат. Неофицијално, освен рејтингот на Пендаровски, за претседателската трка се мери и популарноста на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Се заострува и реториката

Со приближување на претседателските избори се заострува и реториката помеѓу власта и опозицијата за рејтинзите на политичарите. Пендаровски во телевизиско гостување изјави дека ќе чека до крајот на годината за да се изјасни дали ќе оди на втор мандат. Тоа го објаснува со фактот дека секогаш за претседателски кандидат кај нас застануваат најголемите политички блокови. Според Пендаровски, неговиот рејтинг е стабилен и не е променет.

– Во однос на мојот личен рејтинг јас немам никаква дилема, бидејќи ги знам статистиките. Мојот рејтинг во изминативе пет години не е мрднат од тоа што беше во 2019-та, нека не звучи препотентно, меѓутоа, отприлика во тие параметри е – рече Пендаровски и додаде дека на индивидуално ниво има најголема поддршка и во однос на опозициските кандидати и во однос на кандидатите од власта.

Мицкоски, пак, во гостување во радио „Лидер“ изјави дека Пендаровски и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее не може да добие повеќе од два гласа.

– Мислам дека кога станува збор за Стево Пендаровски, сите партии теоретски да се опкружат околу него, да се обединат и да го подржат, прашање е дали ќе го гласаат повеќе од 100.000, од сите партии. Мислам дека во зградата каде што живее, ако се пријави за претседател на куќен совет, тешко да добие повеќе од два гласа – смета Мицкоски и додаде дека не треба да се губи време со лик како Пендаровски.

Шефот на државата експресно му одговори на Мицкоски дека тој е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг.

– По цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски. Во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Ова беше случај и со Бранко Црвенковски и со Зоран Заев кај СДСМ, и со Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски е единствениот исклучок затоа што има 50 отсто понизок рејтинг од партијата која ја предводи – вели Пендаровски.

Спасовски: Во 2019-та владината коалиција имаше единствен кандидат

Спасовски во гостување на „Сител“ рече дека откако ќе направат анализи и истражувања на јавното мислење, ќе пресечат како ќе одат на претседателските избори.

– Во однос на коалицирањето, во 2019 година имавме избори во коишто имавме единствен кандидат со целата владина коалиција. Тоа може да се најави како можност и сега, затоа што претседателските избори е можност да се обединат сите луѓе, не само политички партии, интелектуалци, невладини организации, интересовни групи што се определени за напредокот на РС Македонија и за една јасна визија којашто треба да се оствари – вели Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот