Додик: Укинување на Законот за забрана за негирање на воените злосторства како услов за прекин на блокадата на државната власт

Милорад Додик / Фото: EPA-EFE/SZILARD KOSZTICSAK

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, повторно се предомисли и денеска изјави дека сега инсистира на укинување на законот со кој се забранува негирање на воените злосторства, како предуслов за ставање крај на блокадата на државните власти.

-Законот мора да се повлече и тоа е единствениот услов (за деблокирање), им кажа Додик на новинарите во Сараево, откако тој и уште двајцата други членови на Претседателството на БиХ се сретнаа со американскиот специјален пратеник Метју Палмер и директорката на Одделот за европски прашања на ЕУ, Анџелина Ајхорст.

Додик претходно инсистираше на укинување на некои пресуди на Уставниот суд на БиХ, кои ги смета за спорни во интерес на Република Српска, но тоа сега не го спомна. Коментирајќи ги разговорите со Палмер и Ајххорст, посветени на промените во изборниот законик на БиХ, тој рече дека го поддржува секој договор постигнат меѓу Хрватите и Бошњаците за тоа како да се изберат членовите на Претседателството на БиХ и пратениците.

Претставниците на американската и европската дипломатија од вчера одржуваат серија разговори во БиХ со партиските лидери на БиХ, во обид да ги убедат да се договорат за реформите на изборниот систем.

Додик, истовремено, побара Главниот одбор на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), што се состана на Пале, да го поддржи спроведувањето на планот за ефикасно одвојување на РС од БиХ преку усвојување закони кои го оспоруваат функционирањето на вооружените сили на БиХ, државните безбедносни агенции и судството, како и наплатата на даноците и царините на ниво на БиХ.

Главниот одбор на СНСД едногласно ги поддржа ваквите предлози, а Додик најави дека законите ќе се расправаат во парламентот на РС на 15-ти ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот