Добрососедските услови како ладен туш: За Бугарија нема ни македонски јазик, ни македонско малцинство!

Да нема македонски јазик, да нема македонско малцинство во Бугарија, да нема бугарска фашистичка окупација, а Гоце Делчев да биде Бугарин! Тоа се условите кои Бугарија и ги постави на Македонија, ако сака земјава да преговара за членство во ЕУ. Бугарската влада завчера усвои документ-рамка во кој се дава поддршка Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство во ЕУ, но двете држави треба да исполнат серија услови. Народното собрание на Бугарија го потврди владиниот документ. Во декларацијата што ја усвои, се наведува дека бугарскиот парламент е посветен на проширувањето на ЕУ, но дека европската интеграција на Македонија и на Албанија „нема да биде на штета на искривување на историските настани, документи и артефакти“. Софија го повикува Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година. Во декларацијата се посочува и дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.

Бугарија: Не постои македонски јазик

Според рамковниот документ, „Бугарија нема да дозволи интеграцијата на С. Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа“. Нагласено е дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција со која формално ќе почнат преговорите со ЕУ, ако до нејзиното одржување не биде забележан реален напредок во исполнувањето на духот и словото на Договорот за добрососедство. Под реален напредок се подразбира Македонија да се откаже од поддршката или од барањата за признавање на македонско малцинство во Бугарија, да почне процес на рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим кои трпеле репресија поради бугарската самосвест“, да почне нов процес на лустрација кој треба да ги расветли соработниците на поранешните служби за безбедност на Југославија во денешна Македонија и системско да се отстрани квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите споменици и спомен-плочи.

„Република Северна Македонија да се изјасни со вербална нота до земјите-членки на ООН дека придржувањето кон уставните измени во согласност со Договорот од Преспа ќе се спроведува паралелно со строго придржување кон Договорот со Бугарија во целост, а во однос на јазичната клаузула на Договорот. Во нотата да се наведе дека употребата на краткото име предвидено со Преспанскиот договор се однесува само на политичкиот субјект  Република Северна Македонија, а не на географскиот регион на Северна Македонија, од кој дел е во рамките на Бугарија“, пишува во владиниот документ.

Според условите на Бугарите, мешовитата историска комисија ќе треба да се усогласи за личности и настани од „заедничката историја до 1944 година“, како Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание, а потоа тие ставови ќе треба да се пресликаат на информативни табли и на историските и културните споменици. Нашите политички претставници, како и медиумите финансирани од државниот буџет, ќе мораат да ги засноваат своите изјави и коментари на она што го договорила комисијата.

Во условите што се во врска со текот на преговорите со ЕУ Софија бара никаде во документите на ЕУ да не фигурира македонски јазик, односно да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Ако постои апсолутна неопходност да се користи терминот македонски јазик во документи и ставови на ЕУ, тогаш со ѕвездичка во фуснота да се појасни дека тоа е согласно со Уставот на РСМ.

„Треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во РСМ е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година“, е наведено во документот.

Малески: Најважно е да почнат преговорите

Од Владата и од Министерството за надворешни работи вчера не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ како го коментираат условувањето од Бугарија. Според Денко Малески, првиот министер за надворешни работи и сегашен советник во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во овој момент за нас е најважно што Владата и Собранието на Бугарија дадоа поддршка за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– Во овој момент тоа е најбитно. Забелешките кои се дадени во документите се нешто за што ние тука ќе мора сериозно да размислиме затоа што за нивното исполнување Бугарија ќе инсистира во процесот на преговори. Македонија има своја приказна и Бугарија има своја приказна, но поентата ќе биде да се најде заедничката европска вистина. Тоа ќе биде првенствено задача за политичкиот врв, а потоа и за академската заедница. Во прашање се преговори од неколку години, тоа е време во кое двете земји може да се усогласат. Треба отворено да се преиспитаат сите прашања, со желба да се постигне успех на крајот од процесот – вели Малески за „Слободен печат“

Според него сега нема потреба од вжештување на атмосферата во Македонија по повод бугарските услови, и покрај тоа што меѓу нив има и такви што ниту најлибералните не би можеле да ги прифатат.

– На пример, не држи нивниот заклучок дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот, затоа што дури и дијалектите можат да станат самостојни и да добијат статус на официјални јазици. Потребно е да се подготвуваме за она што не очекува. Треба да имаме в предвид и дека на нашите балкански простори на разговорите за историјата треба да им се пристапува со посебно внимание кога се разговара со другата страна и со обид да се разберат и емоцијата и ставовите на другата страна – вели Малески.

Од политичарите на власт вчера само министерката за одбрана Радмила Шекеринска го коментираше ставот на Бугарија.

– Покажавме мудрост на одредени прашања да најдеме решение. Важно ни е што сите наши соседи не поддржуваат. Сакаме да седнеме на масата на НАТО, за таму да учествуваме кога ќе се решава и за другите. Со соседните мора да се најде решение, а не да играме игри на уцени – рече Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот