Добро утро џезери

Стеснувањето на културната и уметничката размена во државата, како и застоеноста на творештвото и идеите нè доведоа тука каде што сме

Случајот со замирањето на Сараевскиот џез-фестивал и сè што, со години, се случува околу неговата организација, е парадигма за неспособност, недостаток на идеи и индолентност на менаџерите и дистрибутерите на буџетската културна милостина и за оние кои се вклучени во процесот на создавање културно-уметнички движења во оваа средина. Непотребно е да се каже: опструкции, малверзации, кланска алчност и грубост во рамките на културното и уметничкото поле, мизерни алокации за поддршка на проекти и продукции доведоа до ситуација кога мочуриштето е мало, а сите крокодили сакаат да им се помогне во тоа мочуриште да бидат културни дејци и уметници.

Фанфари и шарди на црвениот тепих

Во таква тесна рамка, без никакви индикации дека работите во блиска иднина може да се придвижат од мртвата точка (а и како да се помрднат кога свеста на управувачите за важноста на оваа општествена гранка не ги надминува селските саеми и пиво-фестите, без поимање за фактот дека без динамично културно поле и уметнички продукции нема ни општество), нервозата, затворањето, стеснувањето на просторот за креативен и творечки импулс создадоа лонец за лелекање, како единствена легитимна и позната стратегија за справување со длабоките проблеми на нашата култура како целина. Во таа смисла, сè што се случи овде во последните три децении, секој успех, секој напредок, исклучиво беше инцидент создаден од согорувањето на малкуте свесни индивидуи.

Системот никогаш и не постоел. Напорот да се подигне свеста на граѓаните за тоа што ги опкружува, за проблемите со кои се соочуваат, преку критички алатки на културно-уметничката практика, со цел да се изнајдат можни подобри решенија, никогаш не допрел до свеста на носителите на одлуки. Колку и да ни изгледаат неуки и неми, тие всушност сториле сè за да ги маргинализираат ваквите процеси, да ги сведат на фанфари и шаради на црвениот тепих, бидејќи необразованото, културно неосмислено население не може да дејствува субверзивно или критички да размислува. Не е во состојба да ги урне постојните системи на вредности, да ги смени излитените парадигми и да осветли нови начини на сомневање за нашата улога во овој историски момент.

 Ништо ново и автентично

Од друга страна, стеснувањето на културната и уметничката размена на државно ниво, недостатокот на проток на креативност и идеи, нè доведе тука каде што сме. До точката во која ова општество и оваа култура не отстапија ниту чекор од етнонационалистичките наративи од почетокот на 90-тите и воздржаното враќање на она што „некогаш било“. Не произведовме ништо автентично и оригинално, преживуваме со рециклирање до јадрото на исцедени материјали и форми, очекувајќи да се појави непознат висок претставник во областа на културното и уметничкото производство и да нè насочи со својата божествена рака и да ни каже каде да одиме.

Длабочината на нашето историско доцнење и исклучување од современите трендови сведочи за паланечката провинцијализација, која, бидејќи секоја игра како суштинско движење на создавањето е убиена со чекан во тилот, како свој основен производ ја произведе културата на смртта и статиката. Сè околу нас назадуваше до таа мера, што веќе длабоко навлеговме во процесот на фундаментална акултурација и распад.

На власта не ѝ е гајле, ниту ќе ѝ биде

Но, колку и да изгледаат безнадежни работите, колку што ситно-трговските политички касти прикриваат какво било поинакво гледиште, негираат ресурси и го стеснуваат опсегот на дејствување, дали можеме да си дозволиме таквата состојба да ја земеме како алиби, како изговор за зачмаеност и неактивност?

Имам впечаток дека ова е недозволиво во секој поглед. Да се ​​откажеме од уништувањето на културната здодевност, истрошените формални или стилски обрасци, парадигмата на лонецот на стенкање значи да се прифати тотален пораз. Иако во нормални околности државата би била обврзана да инвестира одреден дел од даночните средства на граѓаните во развојот на овие области, бидејќи тоа значи негов опстанок, нашето постојано одбивање да разбереме дека троглавото Дејтонско чудовиште нема да отвори простор за темелно одгледување на дела од културната област, во најмала рака, делува трагикомично.

Прашањето е, на крајот, што сме и што можеме да сториме? Не добивам впечаток, признавам, дека сме го компензирале ова ограничување на системските ресурси, и покрај сè, со нашата подготвеност да ја создадеме и придвижиме културната и уметничката сфера кон модерноста. Кон креациите што не се болни, за кои ништо не е табу и ништо не е само по себе недопирливо за критичките антиномии. Оттука, бидејќи недостасуваат такви процеси, ние колективно страдавме од апатични лелекања, и сè што знаеме како да направиме денес е да жалиме за срамниот однос на властите кон културата и уметноста. А, на власта, не ѝ е гајле, ниту ќе ѝ биде.

Највисок домет

Сè додека не се поврземе по линија на општото добро и не го најдеме своето место во несистемските канали за создавање, за производство на дела и настани, стенкањето ќе биде нашиот најголем дострел. Што значи, мрак. Под Сталин, руската авангарда создала споменици кои денес се со право меѓу најважните уметнички достигнувања на човештвото. Тие знаеја дека ќе завршат во Гулаг, но знаеја дека човечката потреба за создавање, мечтаење и имагинација не е она на што сме охрабрени со аплаузите и владините дотации. Туку длабокиот внатрешен порив за изразување на она што е длабоко закотвено во нашата сушност како битија.

 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот