До кога високите каматни стапки ќе го забавуваат економскиот раст?

Фото: Пекселс/ karolina-grabowska

Истражувањата покажаа дека на луѓето им е поважно да имаат ниска невработеност отколку малку повисока стапка на инфлација

Високите камати го забавуваат економскиот раст, бидејќи нема инвестиции и потрошувачка. Затоа сите се прашуваат кога најголемите светски централни банки би можеле да започнат со таканареченото монетарно олеснување, односно со намалување на каматните стапки. Многумина го поставуваат прашањето кој е приоритет за секоја економија. Дали е тоа намалување на инфлацијата преку високи каматни стапки или треба што поскоро да се намалат каматите за да се започне економски раст?

Економистот Михаило Гајиќ, директор на ЛИБЕК (Либертаријански клуб), не сака да лицитира за тоа какви ќе бидат каматните стапки во иднина. На нив најмногу ќе влијае монетарната политика на големите централни банки, а може да се „измести“ согласно приоритетите.

„Она што е јасно е дека каматните стапки се зголемени токму за да се намали инфлацијата и дека тие можат да ја доведат економијата во рецесија. Помеѓу економистите се води дебата за тоа до кога и до кое ниво монетарните власти треба да ги зголемат каматните стапки за да го намалат притисокот врз пазарот на пари. Гледаме дека високите каматни стапки во Европа веќе успеаја да ја спуштат инфлацијата на патека која се приближува до целната стапка. Од друга страна, гледаме дека Германија ќе забележи техничка рецесија, а веројатно и целата еврозона, имајќи ги предвид негативните економски движења во претходните два квартали. Не мора да значи дека тоа е само поради високите каматни стапки, но тие секако значително придонеле за тие економски движења“, вели Гајиќ, пишува српска „Политика“.

Тој објаснува дека потрошувачката се намалува, бидејќи потрошувачките кредити се скапи, а сето тоа има ефект на намалување на производството. И деловните инвестициски кредити не се исплатливи со високи каматни стапки. Во такви услови на кои економски одлуки треба да им се даде приоритет? Дали е тоа за намалување на инфлацијата или каматните стапки? Што е поважно да се постигне за креаторот на економската политика? Гајиќ вели дека креаторите на економската политика, имено министрите за финансии и гувернерите на централните банки, се токму луѓето кои се политички назначени, па тие всушност ја спроведуваат политиката што е најдобра за нивниот политички рејтинг.

– Истражувањето покажа дека луѓето повеќе го ценат растот на вработеноста отколку контролата на цените. Поважно е дека има ниска невработеност отколку малку повисока стапка на инфлација. За некој е многу поголем проблем да ја изгуби работата отколку инфлацијата да јаде десет проценти од нивниот приход. Од економска гледна точка, треба да има јасна дистинкција меѓу надлежностите. Извршната власт треба да се грижи за економскиот раст и зголемување на вработеноста, додека монетарната политика што ја води централната банка треба да се занимава единствено со политиката за одржување на стабилноста на цените. Пред 30 до 40 години, монетарните власти беа под поголема власт на извршната власт, а тогаш се сметаше дека монетарната политика е еден лост што треба да го промовира економскиот раст. Земјите со такви режими како Франција, Италија, Шпанија отсекогаш имале повисока стапка на инфлација, а не нужно повисока стапка на економски раст. Додека земјите како Германија имаа поригиден став за улогата на централната банка, тие имаа пристојна стапка на економски раст, но со многу ниски стапки на инфлација- вели Гајиќ.

Милојко Арсиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, вели дека каматните стапки влијаат на се што се купува од кредити, а тоа се инвестициите и купувањето трајни производи за широка потрошувачка.

– Високите камати влијаат и на намалување на расположливиот доход на граѓаните, стопанството и државата бидејќи поголем дел од приходите ќе треба да плаќаат за камати. Она што е невообичаено е што каматните стапки следната година реално ќе бидат повисоки од годинешните бидејќи номинално ќе останат исти, а инфлацијата ќе биде помала. Така ќе ги оптоваруваат должниците повеќе од годинава. Каматите сега се седум отсто за задолжување во евра, што е голем товар за стопанството, граѓаните и државата. Каматната стапка од седум проценти е висока, особено што инфлацијата во еврозоната падна на 2,4 проценти“, вели Арсиќ – пишува „Политика“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот