Димни сигнали од Лондонската берза

Си седев така во клиниката, а медицинската сестра ме учеше како да си свиткам една ролна цигара од канабис. Не за друго, не за да се опуштам и релаксирам, туку за да научам како точно да ја ставам точната доза за да има ефект. Да биде полесно за оние што повеќе би сакале да испушат една доза отколку да испијат некое апче. И тоа ме инспирира да го почнам бизнисот. И го развив дополнително, имајќи на ум да го направам така за да може секој да го користи, дури и баба ми…

Вака Авиху Тамир, извршниот директор на израелската компанија „Канабо“ која произведува марихуана за вапоризирање, односно за вдишување преку „пластични цигари“, ја опишува инспирацијата за производот на неговата фирма. И деновиве е многу радосен, зашто вредноста на акциите на„ Канабо“ пораснаа речиси четирикратно на првиот ден од тргувањето на Лондонската берза. Компанијата произведува вапоризатор со медицински канабис, кој користи пластични цевчиња со течност од цвет на канабис, кој може прецизно да „измери“ доза од еден милиграм со секоја инхалација. Тамир, кој и самиот се лекувал со канабис кога научил како да витка цигари, е еден од првите што го има испробано својот производ.

„Зелени прсти“

Инвеститорите збудалеа да влезат во пазарот на „тревка за среќа“, акциите се качија повеќе од 292%, а „Канабо“ преку ноќ го доби името „канабис неспресо“. Ваквото пласирање на делниците на Лондонската берза, кое во еден ден собра 6 милиони фунти, беше да се финансира истражувањето и клиничките тестирања за користењето канабис во лекувањето на несоницата. „Можевме да обезбедиме и 11 милиони фунти инвестиции, ама моравме побрзо да запреме“, изјави Тамир.

Ова е вторпат компанија со канабис да се појави на Лондонската берза во последните две недели и аналитичарите велат дека со оглед на тоа дека Комисијата за финансиско работење (FCA) даде одобрение со бизнисот со канабис да може да се тргува, Лондон е на пат да стане „финансиски канабис дилер“. Глобално, легалниот пазар на канабис се предвидува да расте до 50 милијарди фунти во текот на следните пет години.

Можеби тоа пак инспирира некои „генијалци“ во лондонскиот Сити, Сити оф Лондон, бизнис-центарот на градот каде што се вршат милионски, ама не, трансакции во вредност од милијарди фунти, долари, јени, јуани – на хортикултура! Последниве месеци овој дел од градот е мртов, можеби помртов од каде било. Ништо не се случува. Сѐ е затворено. Ретко кој живее тука. Да беше друго место, можеби некое куче скитач ќе поминеше, ама вака, само понекој автобус кому никој не му заѕвонува да застане, па само ќе забави малку кај станиците, според правилата, и потоа продолжува понатаму. Луѓето кои работат тука, работат од дома. Со кошули и вратоврски од половина нагоре, со пижами и тренерки од половина надолу. Е во таква атмосфера, веднаш до Народната банка на Англија, во подрумот на еден комерцијален објект, полицијата минатиот месец откри 826 стебленца канабис. Некој имал „зелени прсти“ и направил градина во подрум. Ова е, вели полицијата, прва ваква „фабрика за канабис“ во лондонското Сити, која стапила во акција  откако и кажале дека многу силен мирис се шири од улицата Трогмортон. Епилог – растенијата се преброени и одземени, целата постројка е размонтирана и двајца луѓе се уапсени. Од Народната банка на Англија, засега, нема коментар.

Вакцинирањето продолжува. И оди со добро темпо. Главно, како што планираа здравствените власти. Над 15 милиони со прва доза и над 500.000 со втора. Медиумите секојдневно ги следат и обичните и познатите и славните како со завиткани ракави ја примаат првата, а некои веќе и втората доза од вакцината.  Па, така, сосема надвор од протоколот, ги видовме и нејзиното кралско височество, кралицата Елизабета Втора и принцот Филип, и принцот Чарлс и Камила, и Том Џонс, Антони Хопкинс, Џуди Денч, Џоан Колинс, Ијан Мекелен…и се разбира, првата вакцинирана, Маргарет Кинан. И второвакцинираниот, незаборавниот Вилијам Шекспир. И редица други, не само тукашни, туку и странски познати и славни. И сите главно дотерани, главно нашминкани, главно со фризури и главно, облечени.

Цице на увид

Но, политичарите не би биле политичари, ако не би го искористиле и ова за себепромоција. Најновиот тренд е – топлес. Почна во јануари со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кому кошулата му беше половина соблечена, а и покрај маската се гледаше дека самозадоволно се смешка. За кожното ланче околу вратот… што помалку го спомнуваме, тоа подобро. Да не остане покус, францускиот министер за здравство Оливие Веран објави на Твитер своја фотографија, делумно покриен со кошулата, ама сепак разголен, со текст- вакцина. Дека и ние тука топлес политичар за покажување имаме, се погрижи пратеникот Брендан Кларк-Смит, исто испораскопчан и со едно голо цице надвор. Не можел да го заврти ракавот, оти многу мускулест бил, па „морално“ било да се соблече. Ама сите ги надмина ториевецот и поранешен војник, Џони Мерсер, кој  на фотографијата која ја објави можеби е сосема гол, не знаеме, се гледа до половина и има тотално отсуство од алишта.

Сепак, за победник на натпреварот за фотографии од машки политичари на вакцинирање, тука е прогласен министерот за финансии на Хрватска, Здравко Марич. Здравко беше со маичка со куси ракави. Не мораше ништо да соблекува ниту да витка.

Интересно, изгледа како само оние што се сметаат себеси за атрактивни, се расоблекоа, а вакцината им беше повод, а можеа само да ги завртат ракавите, ама нели, мускулите… Е сега, сме го виделе рускиот претседател Путин гол до половина, нему изгледа не му треба многу повод, што и да мисли за себе. Другите, настрана суетата, можеби сметаа дека во ова време на пандемија, една од должностите им е да им го кренат моралот на широките народни маси. Трети, би требало да се замолат да не го следат топлес трендот, поради, па, моралот на широките народни маси. Јас лично, откако го видов Здравко, заклучив дека не сум била во вежбалница од март минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот