Димитров: Нема услови за меѓувладина конференција со С.Македонија, бидејќи ништо не е исполнето од Договорот за добрососедство

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Попретседателот на македонско-бугарската историска комисија, Ангел Димитров вели дека нема никаков напредок во разговорите меѓу историчарите, затоа што има застој во исполнување на Договорот за добрососедство. Димитров во интервју за Бугарската национална телевизија вели дека тоа било главната причина што бугарските власти сметаат дека не се исполнети условите за одржување меѓувладина конференција.

„По желба на нашите колеги, следната средба ќе биде во октомври. Во Договорот за добрососедство не е ништо исполнето, така што претпоставувам дека Скопје ќе направи напори за да покаже дека има желба за да постигне некаков напредок во другите сфери како инфраструктурата и.т.н. По сите области во договорот, застојот е неверојатен. И тоа е главната причина зошто не се исполнети условите за меѓувладина средба и давање зелено светло за почеток на преговорите за евроинтеграција. Тоа е главниот проблем, а не работата на историската комисија“ изјави Димитров.

Димитров оценува и дека е потребна одговорност, посочувајќи го односот кон бугарската историја како најболна точка.

„Односот кон бугарската историја и она што РСМ го смета за своја историја е најболната точка во односите, зашто тоа ги формира менталитетот и културата кои се одразуваат во сите области на животот. Таа точка треба да биде оздравена , но неопходна е катарза за историската наука и целото општество. Тешко е тоа да се случи наскоро ако нема политичка волја. Но не само политичка волја, туку и одговорност на науката во целото општество кај нашите колеги од Северна Македонија“ порача Димитров.

Видео на денот