Дијагноза на животот содржат фотографиите на Драги Неделчевски

Изложбата на црно-бели фотографии со наслов „Дијагноза“ на Драги Неделчевски, која на 8 ноември ќе биде отворена во големиот салон на Галерија „Ко-Ра“ во Скопје, содржи 26 фотографии и отвора илјадници прашања.

Фотографот Драги Неделчевски (1958, Тетово) по образование е правник, а активен фотограф е веќе 40 години. Неговиот примарен интерес е документарната фотографија.

Со таков ракурс пристапил и во реализацијата на новиот проект со наслов „Дијагноза“. Станува збор за збирка (галерија) на ликови, луѓе (мажи и жени) кои имаат некој здравствен проблем и решиле својата интима да ја споделат со фотографот, и со оние што ќе ги видат фотографиите.

– Мој интерес во фотографијата отсекогаш бил човекот со сите негови премрежија, суптилни и груби борби пред кои го исправа животот. Со фотографски јазик, на публикумот сакам да му ги пренесам моите чувства, размисли, и зошто да не, сознанија стекнати низ животот, а преточени во фотографии. Овој пат се решив за еден проект што беше тежок да се истера до крај. Тежок од повеќе аспекти. Емотивно, етички, технички, артистички, фотографски… Сите ние имаме некоја мака, некој проблем. Најчесто тоа го чуваме само за себе или за најблиските. Секогаш кога излегуваме надвор, сакаме да се прикажеме во најдобро светло (сосема нормално и разбирливо). Кога ќе се вратиме во нашите четири ѕида, пак остануваме сами со себе. Секој од нас има по некоја дијагноза. Општеството во кое живееме има дијагноза. Светот, исто така.

Со овие фотографии сакав да поставам некои прашања, без очекување дека ќе ги најдам одговорите. Илјадници прашања. Спакувани во 26 силни, директни фотографии кои му удираат шлаканица на гледачот, но не со намера да го повредат. Напротив. Да го разбудат од сонот и летаргијата и конечно да ѝ погледне на вистината в очи! И тоа би бил првиот чекор… Ако овие фотографии барем малку го поттикнат гледачот да си постави некои важни прашања во животот и почне да размислува за нив, ако макар малку се промени начинот на кој се соочува со болката, надежта, животот, тогаш мојата скромна фотографска мисија е исполнета – вели Неделчевски.

Фотоизложбата „Дијагноза“ веќе има неколку критички видувања. Така, Светлана Сиљјаноска забележува дека „Дијагноза“ е „материјализирање на есенцијата на човекот. Таа ја материјализира желбата за живот. Ако некогаш сте се прашувале како изгледа живо парче хартија што без зборови раскажува минато, сегашност и иднина, драматична осцилација на пад и подем, тогаш со сигурност тоа ќе бидат фотографиите на оваа изложба“.

Поетесата Ана Голејшка Џикова за фотографиите на Неделчевски вели дека тие се „солидаризација на ниво на личното страдање што може, а и најчесто не е секогаш добредојдено кога е ’јавно‘. А токму тоа е ослободувањето, кога човек ќе ја сподели маката, ќе ја раскаже својата болест, исто како што уметникот го раскажува животот“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 153, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот