„Девојките“ на Хамас ги хакираа телефоните на израелските војници (ФОТО)

Фото: JACK GUEZ / AFP / Profimedia

Телефоните на дузина изралески војници беа хакирани од страна на милитантната група Хамас. Тие се претставувале како девојки и така и го привлекле вниманието на војниците, пишува Би-Би-Си.

Портпарол на војската рече дека на војниците им биле испратени фотографии од млади девојки, кои потоа ги измамиле да спуштат лажна апликација, која без да знаат ја преземала контролата врз нивниот телефон.

Официјалното лице додаде дека хакерите не стигнале „до значителни информации“.

Ова е трет ваков обид за инфилтрирање во паметните телефони на ираелски војници, но и еден од најсофистицираните досега, констатираше полковникот Џонатан Конрикус.

Фото: BBC/IDF

– Забележуваме дека тие се учат и напреднуваат – рече тој.

Додаде дека хакерите се претставиле како млади жени и зборувале неперфектен хебрејски, тврдејќи дека се имигранти или луѓе со проблеми со видот и слухот, за да изгледаат поуверливо.

Откако ќе успеат да воспостават комуникација и еден вид на пријателство, „жените“ на Хамас испраќале линкови за кои на војниците им велеле дека ќе им овозможат да разменуваат фотографии, а всушност преку тие линкови се спуштал „малвер“ – програми кои можат да ги нападнат телефоните или други компјутерски уреди.

По отворањето на линкот, програмата инсталирала вирус во телефоните, преку кој на хакерите им овозможувал пристап до податоците во телефонот, вклучувајќи ја нивната локација, фотографии и контакти.

Дополнително, истиот вирус можел делумно да манипулира со телефонот, користејќи го за правење на фотографии и снимки без за тоа сопственикот да биде информиран.

Полковникот рече дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја откриле оваа измама пред неколку месеци, но дозволиле истото да се случува под нивен надзор, се додека не ја прекинале операцијата.

ИДФ претходно ги предупреди војниците за да бидат многу внимателни при користењето на нивните паметни телефони и објавија насоки за да се превенираат вакви хакерски напади.

Израел и Хамас се во константен судир и двете страни едни за други собираат разузнавачки податоци, во рамки на нивниот меѓусебен судир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот